Кој е ПРОТИВ, а кој ЗА проектот „Гранд Скопје“

933

Центарци поддржани од Зелен Хуман Град бараат Јавното обвинителство и институциите да постапат и да се изјаснат по пријавите што ги имаат доставено против реализацијата на проектот „Гранд Скопје“ и изградбата на висококатници, да го разрешат проблемот и да ја вратат законитоста во урбанистичкото планирање. За денеска попладне е закажан протест пред зградата на Јавното обвинителство.

– Ако се дозволи изградбата уште повеќе ќе се спречи струењето на воздухот што ќе резултира со уште поголемо негово загадување и дополнително ќе се влоши квалитетот на живот во центарот на Скопје. Центарот ќе биде парализиран од сообраќаен метеж и луѓето што живеат и работат во близина нема да може да ги извршуваат секојдневните обврски – потенцираат од Шанса за центар.

Од Зелен Хуман Град не сакаат, како што велат „паркингот спроти „Холидеј ин“ да се претвори во едно од најгусто населените подрачја во светот“.

– Ќе нè задушат. Има причина зошто ГУП на Град Скопје содржи рестрикции за максимален број на 805 жители на хектар, наместо 2.400 жители што се предвидува да се населат на истиот хектар. Земјиштето се наоѓа во срцето на градот каде секојдневно на работа доаѓаат жители од околните населби, па дури и од соседните градови, логично е да заклучиме дека хумани услови за живот овде повеќе нема да постојат – велат од Зелен Хуман Град. 

Од друга страна, освен жителите на Ново Маало кои се ЗА реализација на овој проект бидејќи ќе им се решат станбените прашања и, конечно, како што велат ќе можат да живеат во достојни услови, се огласија и од Здружението на сопственици на деловен простор во ГТЦ 1973 Скопје. Тие даваат целосна поддршка за реализација на овој проект затоа што сметаат дека „уредувањето на овој простор ќе му даде нов лик на центарот на градот, отворајќи нова фреквенција на движење за граѓаните“ и ќе го заживее ГТЦ.

– Предвидениот пешачки мост ќе го поврзе јавниот простор кај Дрводекор со ГТЦ и сметаме дека ваков потег дополнително ќе го заживее и осовремени просторот во близина на трговскиот центар, правејќи го модерно, атрактивно и урбано место за сите посетители – велат од Здружение на сопственици на деловен простор ГТЦ 1973 Скопје.

(С.Бл.)