Кочанскиот ориз се спаси од пожарот, но настрадаа житото и лозовите насади

Полињата со ориз не се зафатени од пожарот, но настрадаа нискостеблести растенија, лозовите насади и житата. Земјоделците велат дека климатските промени го земаат данокот во земјоделството и секоја година имаат сè поголеми проблеми да ги заштитат земјоделските култури од пожари, суша, болести... Освен од Кочанско и земјоделците од другите делови на државата стравуваат од пожари, бидејќи како што велат поради високите температури и сушата полињата се суви и ако избие пожар, последиците ќе бидат големи.

80

Пожарите во Кочанско, кои зафатија десетици хектари шума, предизвикаа штети и на земјоделските култури. Полињата со ориз не се зафатени од пожарот, но настрадаа нискостеблести растенија, лозовите насади и житата. Земјоделците велат дека климатските промени го земаат данокот во земјоделството и секоја година имаат сè поголеми проблеми да ги заштитат земјоделските култури од пожари, суша, болести….

-Оризовите полиња не се зафатени од пожарот, бидејќи се зелени. Високите температури помагаат вегетација да биде побрза, а пожарите брзо се шират во областите со сува вегетација. Пожарот зафати дел од житата во Кочанско, кои останаа неожнеани. Поради задоцнета реакција на надлежните, изгоре еден дел од житата во село Подлог, во Облешево и во околните села, вели за весникот ВЕЧЕР, Стојче Ташовски, од Здружението на оризопроизводители.

Тој додава дека климатските промени прават големи штети врз земјоделските култури. Така кај оризот оваа година има појава на болести кои можат да предизвикаат големи загуби во приносите.

-Не само пожарите проблем, проблем е и сушата и болестите. Така оризот годинава го зафати болест која може да предизвика големи загуби кај приносите. Затоа бараме Институтот за земјоделство да излезе на терен и да ги истражи промените. Освен тоа се соочуваме со големи проблеми при пласман, голем дел од оризот остана непродаден и покрај ниската откупна цена од 17 до 20 денари за килограм оризова арпа. Околу 60 отсто од оризот остана во амбарите, вели Ташовски.

И земјоделците од другите делови на државата стравуваат од пожари, бидејќи како што велат поради високите температури и сушата полињата се суви и ако избие пожар последиците ќе бидат големи.

-Поради климатските промени годинава приносите по единица површина ќе бидат намалени. Тоа ќе придонесе до зголемување на цените на оние земјоделски култури кои се помалку застапени, а за кои има поголема побарувачка. Штетите ќе бидат поголеми кај оние земјоделци кои имаат неправилен пристап во наводнувањето, заштитата на земјоделските култури… Овие активности треба да се вршат во одреден дел од денот за да немаат последици врз приносите, вели Ристо Велков, претседател на Регионалниот сојуз на земјоделци од Струмица.

Климатските промени ќе бидат проблем за цените на храната во наредниот период. Според прогнозите до октомври цените на храната би можеле да бидат за околу 14 отсто повисоки од сега. Трендот што почна лани нема брзо да запре, констатираат аналитичарите. Во овој момент цените на храната на светските берзи се за 33 отсто повисоки од истиот период минатата година и за 25 отсто од просечните цени во периодот од 2014 до 2016 година.

Колку ќе растат цените на храната кај нас до есен, нема прогнози. Во соопштението на Народна банка од последниот состанок на Советот неделава се наведува „големата променливост на цените на светските пазари и понатаму е главниот извор на неизвесност околу идните движења на домашните цени“.

Цените на храната во земјава континуирано растат веќе цела година. Според државната статистика, во јуни годинава цените на мало биле за 4 отсто повисоки од истиот месец лани, а трошоците за живот биле за 2,7 отсто зголемени во истиот период.

(А.С.)