На Филмскиот фестивал кој деновиве се одржа во Трст, косовско-македонскиот филм „Барајќи ја Венера“ во режија на Норика Сефа, ја доби наградата за најдобар филм, која ја доделува „Cineuropa“.

Во образложението на наградата стои дека филмот се издвојува по разновидните филмски квалитети меѓу асортиманот на одлични филмови.

“Филмот ‘Барајќи ја Венера’ е импресивeн по неговата искреност и прецизност. Режисерката Норика Сефа успеа да ја прикаже сложеноста на двата главни лика. Мораме да ја поздравиме и работата на Луис Армандо Артеага, директорот на фотографија, што направи овој прекрасен филм за полнолетство да блесне“.

Постпродукцијата и неговиот звучен дизајн се реализирани во „Аудиохаус“, од продуцентите Игор Поповски и Дејан Крајчевски. Косовски продуцент е Бесник Крапи, додека кинематографер е Луис Армандо Артеага.

Филмот раскажува приказна за скромната тинејџерка Венера која живее во мало село на Косово. Во нејзиниот дом живеат три генерации, така што таа нема многу приватност. Надвор, на улиците и во кафулето, не е многу подобро: селото е мало и секогаш има брат, внук или сосед, кој внимава на неа. Од една девојка се очекува пред сè да ја заштити својата добра репутација – и тоа на нејзиното семејство.