Корона вирусот во Италија може да ги затвори кумановските фабрики за чевли

Оваа ситуација, според експертите, е само дополнителен проблем за текстилно- кожарскиот сектор, кој е во лоша ситуација и мора да се преструктуира, а во тоа државата треба да помогне, но на пазарни основи, а не со зголемување на платите, зашто тие треба да растат само ако расте продуктивноста

400

Проширувањето на новиот корона вирус во Италија може да ѝ пресуди на кожарската и чевларската индустрија во земјава, смета претседателот на Здружението на текстилната и кожарската индустрија при Стопанската комора на Македонија, Ангел Димитров. Тој вели дека веќе е затворен голем дел од северот на Италија каде се извезуваат македонски чевли, а алтернативен пазар за пласман засега нема.

-Во најлоша состојба сега е кумановското стопанство каде што е најразвиена кожарската индустрија. Ако сега се случи нешто со корона вирусот во Италија, верувајте, може да замре целата индустрија. Во производството на облека најголем партнер ни е Германија и таму немаме проблеми, но имаме многу компании кои соработуваат со кожарската индустрија во Италија и тоа баш од оној дел каде што сега се развива корона вирусот, вели Димитров.

Ова според него и според професорот Дарко Лазаров е само дополнителен проблем за текстилниот и кожарскиот сектор во државата, кој мора да се преструктуира за да опстане. Нивен став е дека државата мора да помогне во тој процес, но на пазарни основи, а не со зголемување на платите, зашто тие треба да растат само ако расте продуктивноста.

Лазаров вели дека нашата текстилна и кожарска индустрија имаат компаративна предност во производство на 182 производа и треба да се насочи во тој правец. Според него, дел од новите производи треба да бидат опремата за скијање и за велосипедизам.

– Клучот за успехот е производство на производи со поголема додадена вредност. На Македонија и треба технологија, опрема и претприемачки дух на компании кои ќе го организираат тој процес и ќе ги насочат работниците, но не може без системска поддршка од државата базирана на пазарна економија, вели Лазаров и појаснува дека искуствата на брзорастечките економии покажуваат дека државата мора да има активно учество во тоа преструктурирање, но не со институционални мерки за зголемување на платите, туку со мерки за градење на компаративни предности.

Тој информира дека од вкупна додадена вредност во текстилната индустрија 85 проценти одат за трудот, а 15 проценти за капиталот. Од друга страна, во преработувачката индустрија соодносот е 50-50.

Димитров, пак, смета дека државата треба да ги преиспита своите критериуми за помош за набавка на опрема во компаниите, зашто одливот на работници во текстилниот сектор оневозможува користење на тие средства поради условот да нема намалување на бројот на вработени.

-Во текстилната индустрија имаше извесно исклучување на тој критериум, но ако вие изгубите 15 проценти од своите вработени во една година, не можете да го исполните и другиот критериум, задржување на приходите. Тој критериум за субвенции за купување нова опрема треба да биде поедноставен – зголемување на приходите по вработен. Тука треба да има одредени измени, еве во среда во Влада ќе има состанок на таа тема. Таа поддршка за нови машини треба да се смени, да се знае што се вистински иновации. Субвениционирањето на платите дава добри резултати, но што по три години кога ќе престане. Тогаш ќе има страшен пад на вработени, смета Димитров.

Тој додава дека текстилните компании немаат некои проблеми со обезбедување на кредити, но открива дека профитот го користат за почнување нови бизниси, како хотелиерство или производство на соларни панели, со оглед на тоа што губат вработени поради заминување на младите во странство. За нивно задржување во земјата нуди три решенија – владеење на правото, односно борба против корупцијата и сивата економија, реорганизација на образованието и структурни реформи во стопанството.

Лани вкупниот извоз на текстилната индустрија заедно со индустријата на облека, обувки и кожа изнесувал 543 милиони евра и учествувал со 8,5 проценти во македонската економија. Просечната плата во текстилната индустрија според најновите податоци изнесува 17.816 денари.

(С.В.)