Еди Џордан, ирски бизнисмен и основач на поранешниот тим во Формула 1 „Џордан“, во потресно интервју за британскиот „Сан“ зборуваше за својот пријател, Германецот Михаел Шумахер и неговата сопруга Корина.

По страшната несреќа на скијање, на крајот на 2013 година, седумкратниот шампион во Формула 1 целосно е изолиран од јавноста. Неговата здравствена состојба е мистерија речиси една деценија, бидејќи нема официјални медицински извештаи. Поради тешките повреди на главата, Шумахер шест месеци беше во индуцирана кома, по што беше префрлен на домашно лекување и со години е во семејната вила на Женевско Езеро.

Никој освен најблиските членови на семејството и пријателите не знае каква е неговата здравствена состојба. Еди Џордан не го крие своето воодушевување од сопругата на Михаел, Корина, која направи неверојатни жртви за славниот спортист.

Еди изјави дека борбата и притисокот со кој се соочува ја претворија Корина во „затвореник“.

  • Поминаа речиси десет години откако Корина не може да оди на забава, на ручек… Живее како затвореник затоа што сите би сакале да разговараат со неа за Михаел во време кога не треба да се потсетува на тоа, истакна Џордан, кој не ја обвинува Корина што не му дозволила да го посети.
  • Приватноста е многу важен аспект од животот. Корина постави некои правила. Ја познавам многу добро, таа е прекрасна жена. Имаме добри односи, вели Еди и додава:
  • На почетокот се обидов да го посетам Михаел, но Корина одби и со право затоа што премногу луѓе сакаа да го видат. Жан Тод ја доби привилегијата да го посети бидејќи беа многу блиски во Ферари, што е сосема разбирливо. Не можев да одам кај него, ми рекоа: „Еди, те сакаме, но ни треба приватност и заштита за Михаел.

Еди Џордан го водеше тимот на „Џордан“ од 1991 до 2005 година и токму тој му даде можност на тогаш младиот 22-годишен возач да дебитира во Ф1.