Коренот на исеченото дрво на Мајка Тереза ќе биде конзервиран

927

Коренот на дрвото кое во саботата падна на земја од налетот на силниот ветер и потоа беше исечено на трупци, ќе биде конзервиран. Ова за медиумите го изјави директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Ангеле Сотировски, кој ветува дека во непосредна близина ќе биде засадено ново дрво.

Дрвото е едно од трите дрва што во 1980 година ги засадила Мајка Тереза при својата посета на Скопје.

– Со цела должна почит кон историјата и природното наследство, за жал, мораме да им се покориме на природните појави. Паднатото дрво беше со оштетен коренов систем. Во консултација со експерти од областа на шумарството, ни беше укажано дека паднатото дрво нема никакви шанси повторно да биде засадено и да опстане. Наша желба и заложба е коренот од тоа дрво да остане на тоа место. Разговаравме и со внукот на мајка Тереза, господинот Алојз Гомбар, известувајќи го дека тој корен ќе биде конзервиран, односно заштитен, а во непосредна близина на паднатото дрво ќе биде засадено друго дрво од истиот вид – изјави Сотировски за медиумите.

Од Институтот за духовно културно наследство на Албанците реагираа дека градските власти можеле „да го одржат дрвото во живот“.