Под диригентската палка на исландскиот диригент Гудни Емилсон, маестро кој првпат ќе застане на диригентскиот пулт со македонската Филхармонија, на оваа музичка вечер, посветена на Моцарт, на 6 октомври, како солисти ќе настапат двајца врвни пијанисти Едит Пења од Шпанија и Алексеј Володин од Русија

Новата концертна сезона на Филхармонија под слоганот „Дамар на слободата“, почнува на 6 октомври, со концертот насловен „Зорнина“.  Под диригентската палка на исландскиот диригент Гудни Емилсон, маестро кој првпат ќе застане на диригентскиот пулт со македонската Филхармонија, на оваа музичка вечер  посветена на Моцарт, како солисти ќе настапат двајца врвни пијанисти Едит Пења од Шпанија и Алексеј Володин од Русија, добро познати имиња во светот на класичната музика.

“За првпат на нашата сцена во иста вечер ќе бидат изведени три концерти за пијано и оркестар. На Моцарт ќе биде посветена целата недела, и за првпат Македонската филхармонија започнува соработка со Кинотека. На 5 октомври на концертот ќе му претходи филмот „Амадеус“, кој ќе биде прикажан во Кинотека“, вели Тина Иванова, директорка на Филхармонијата. Инаку, таа додаде дека мотото на концертната сезона произлезе од конечно ослободување од стегите на пандемијата, но и како слобода во музиката, во креирањето, во програмата.

Со следниот концерт насловен „Далга“, кој ќе биде изведен во Скопје на 12 октомври, оркестарот на Филхармонија ќе гостува и во Белград на 16 октомври. Под диригентската палка на маестро Габриел Бебешелеа, како солист ќе настапи врвниот шпански гитарист Рафаел Агире, а на програмата се дела од Петровски, Родриго и Чајковски.

„До крајот на годината, со оркестарот на Филхармонија, ќе настапат диригентите Кондрад ван Алфен, Емил Табаков, Борјан Цанев, Виктор Митревски, а како солисти ќе настапат и голем број македонски музичари – виолинистот и концерт мајстор Владимир Костов, чембалистката Цветанка Созовска, како и тенорот Благој Нацоски…

„Насловите на концертите се извлечени од богатата ризница на македонскиот јазик, зборови кои сите по малку ги подзаборавивме како „Вида“, „Азно“, „Меѓа“, „Далга“… Дел од програмата е и концертот насловен „Омаж за Александар Џамбазов“, посветен на доајенот на македонската музика, кој почина годинава и кој зад себе остави голем опус на дела. Филхармонија по подолго време ќе соработува  и со Националната опера и балет, а ансамблите заедно ќе реализираат два грандиозни проекта: Вердиевиот „Реквием“ во рамките на „Мајските оперски вечери“, како и проект со музиката на Збињев Прајснер од филмот „Три бои сино“ на режисерот Кшиштоф Кишловски“, додава Иванова.

Во рамки на програмата до крајот на оваа година е и концертот за деца „Магичен глас“, како и Гала-новогодишниот концерт, кој според Иванова ќе биде ново изненадување. На отворањето на новата концертна сезона „Дамар на слободата“, ќе биде промовирано и новото цеде „Филхармонија во срцето“, кое го издаде „Con:tempo“ во соработка со Филхармонија. Албумот е снимка од истоимениот концерт на Камерниот оркестар на Филхармонија кој го водеше диригентката Дијана Имери Илкоска, а како солисти настапија Елена Дојчинова (флејта) и Владимир Лазаревски (обоа). На албумот може да се слушне изведбата на дела од Антон Аренски, Антонин Дворжак и од македонскиот композитор Томислав Зографски.

Четири музички филма дел од програмата

Во соработка со Кинотеката покрај филмот „Амадеус“, антологиското кинематографско дело на режисерот Милош Форман, ќе бидат прикажани уште три филма. Проекцијата на филмот „Амадеус“ ќе се одржи на 5 октомври (20 час) во Кинотека. „Успеавме да ги обезбедиме правата за прикажување на филмот, откако го исконтактиравме синот на продуцентот на филмот „Амадеус“. Парите со кои требаше да платиме за прикажување, на барање на продуцентската куќа ќе ги донираме во хуманитарни цели“, посочи Владимир Ангелов, директор на Кинотеката. Во филмот „Амадеус“, кој е снимен во 1984,  акцентот е ставен на соперништво помеѓу Волфганг Амадеус Моцарт и Антонио Салиери, двајца композитори кои живееле во Виена, Австрија, во втората половина на 18 век.

„Амадеус“ беше номиниран за вкупно 53 награди од кои освои 40, меѓу кои и осум „Оскари“ (вклучувајќи и „Оскар“ за најдобар филм), четири БАФТА награди, четири „Златни глобуси“ и една од Режисерското здружение на Америка.

Освен проекцијата на „Амадеус“, Кинотеката во соработка со Филхармонија ќе ги прикаже и филмовите „Малер“ на Кен Расел, „Проба на оркестарот“ на Фредерико Фелини и немиот филм „Сатанска рапсодија“ од 1917 за кој музиката ја напиша Пјетро Маскањи. (Д.Т.)