Познатиот македонски гитарист Влатко Стефановски заедно со басистот Иван Кукиќ и младиот тапанар Јан Стефановски вечер ќе одржат целовечерен концерт во Античкиот театар во Охрид.

Покрај добро познатите композиции на Стефановски, публиката ќе има ексклузивна можност да го слушне материјалот од најновиот албум „Тафталиџе Шафл“, кој Стефановски го издаде минатата година за „Кроација Рекордс“ на ЦД и винил.

– Наместо да гледам ТВ и да паѓам во депресија, се одлучив да правам музика и многу сум задоволен од резултатот. Се радувам дека повторно ќе се дружиме со македонската публика. Време е да се вратиме на старите задоволства и да уживаме, изјави Влатко Стефановски во пресрет на охридскиот концерт.

Концертот ќе биде организиран според важечките протоколи за заштита од Ковид-19 и целосно безбеден за публиката.