Конкурс за текстови по повод 70-годишнината на литературното списание „Современост“

67
По повод 70 години од излегувањето на првиот број на списанието за литература, култура и уметност „Современост“ и 100-годишнината од раѓањето на големите дејци на македонската литература и науката за литература – Блаже Конески (1921-1993) и Коле Чашуле (1921-2009), списанието „Современост“ објави повик за прилози во вид на проза, поезија (најмалку 3 песни), есеи или научни статии тематски посветени на овие македонски културни фигури.

Великанот на македонската литература и долгогодишен соработник на списанието со свои редовни објави – Блаже Конески, бил и еден од уредниците на првото списание за литература „Нов ден“ (1945-1951), списание-претходник на „Современост“.

Првиот број на најстарото македонско книжевно списание бил во издание на Книгоиздателството „Кочо Рацин“, во редакција на Киро Хаџи Василев, Ацо Шопов и Коле Чашуле, а низ историјата од него дел биле и големите македонски писатели и книжевни теоретичари, како Димитар Митрев, Славко Јаневски, Васил Иљоски, Гане Тодоровски, Симон Дракул, Ташко Георгиевски, Владо Малески и други.

-Во знак на одбележување на 70-годишнината од постоењето на „Современост“, редакцијата на списанието ги охрабрува писателите, поетите, есеистите и професионалните истражувачи на делото на овие двајца, но и на другите творци поврзани со историјата на списанието да ги испратат своите прилози на е-адресата: mksovremenost@gmail.com до крајот на месец август 2021 година, наведуваат од „Современост“ во објавата за повикот.

По нивното разгледување и редактирање, одобрените текстови ќе бидат застапени во некои од броевите на „Современост“ за 2021 година.

Извор: МИА