Со серијата извонредни камерни концерти, фестивалот „Охридско лето“ и во годинешново шеесет и второ издание, само ја потврдува својата долгогодишна мисија – промоција на врвни музички уметници од целиот свет. Концертот на Црногорското гитарско дуо беше драгоцена прилика, публиката што целосно ја исполни црквата „Св. Софија“, да ужива во особено вдахновена изведба на гостите од Црна Гора – Горан Кривокапиќ и Данијел Церовиќ. Тоа се двајца исклучително афирмирани уметници со богати солистички кариери и забележителна педагошка дејност во повеќе европски музички центри. А рециталскиот настап на „Охридско лето“ ни го претстави дуото и како изразито усогласен камерен ансамбл што зад себе има впечатливо концертно искуство.

Програмата што ја понуди гитарското дуо беше одличен избор, сериозна, а во исто време доволно „летно заводлива“ да го претстави уверливиот перформанс на уметниците пред охридската публика. Во прв ред би требало да се потенцира: слушнавме два мајсторски подготвени аранжмани – за Баховата шеста Англиска свита во де-мол, напишана за клавичембало во аранжман од Горан Кривокапиќ и Данијел Церовиќ и за Суитата „Троилеана“ од Астор Пјацола оригинално за џез сет, во аранжман од бразилскиот гитарист Серџо Асад.

Постои органска поврзаност меѓу англиските и француските свити на Бах со традиционалните танцови ранобарокни свити што ги свиреле француските лаутисти. Па оттука, звучната слика што ја создаде гитарското дуо со изведбата на Англиската свита, се движеше помеѓу сродните бои на архаична лаута, барокно чембало и класична гитара, особено прикладна во акустичниот простор на нашиот древен храм. А секое слушање на шестата Свита во де-мол, е одново потсетување за неминливата генијалност на Баховата музика. Во секој од осумте ставови, гитаристите со цврста техничка прецизност и чувство за детали ги донесоа разнородните карактери и танцови расположенија. Дводелниот Прелудиум составен од оргелпунк – интро и демонски долга фуга во стил на перпетуум мобиле, го отсвиреа концентрирано, компактно и со впечатлива техничка бистрина на брзите дискантни пасажи (Горан Кривокапиќ), изворно напишани за инструмент со клавијатура, што несомнено претставува предизвик да се изведе на гитара. Во сличен, уште пожесток манир, ја отсвирија „ѓаволски дивата“ 12/16-ска Жига, во мошне брзо темпо адекватно, за моќно финале. Трогласниот контрапункт пак, во Алемандата, вешто распореден во двете гитари, звучеше воздржано, господствено, наспроти танцовите, разиграни Гавоти во де-мол и Де-дур. Курантата, со флуидна, непрекината и нагласено клавирска фактура, со неверојатна прецизност, во еден здив ја истакна Данијел Церовиќ како носител на басовата делница. Ќе ја издвоиме изведбата на поетичната Сарабанда. Двајцата гитаристи со ова старинско „парче“ нè пренесоа во светот на лаутистите од раниот седумнаеесетти век. Со одмереното рубато во раскошните арпежи, ја откривме другата, експресивна страна на богатиот музикалитет што евидентно го поседуваат овие надарени артисти. Да не изоставиме, гитарското дуо од инструментите извлече мошне суптилен спектар динамички нијанси, сместени во нежен волумен. Едноставно, треба да забележиме бар дел од финесите на изведбата, зашто Англиската свита во де-мол беше извонреден склад на една пиеса, ремек-дело на Бах, (патем прекрасна музика) и мајсторска изведба на две гитари.

Како одличен контрапункт на динамичната барокна моторика во првиот дел од концертот, ја слушнавме Суитата Троилеана од 1975 година, посветена на аргентинскиот познат бандонеониста Анибал Троило – дел од фантастичниот свет на Астор Пјацола. Впрочем, генијалните импровизации на барокните мајстори, се зародиш и инспирација за џезот во дваесеттиот век. Публиката со задоволство ги проследи шармантните ставови Бандонеон, Виски, Зита и ефектното Есколасо, во кои уметниците со нескриено уживање музицираа откривајќи една поинаква страна од нивниот уметнички вкус. „Нуево танго“ полно со слободни џез – хармонии. Тука слушнавме потполно опуштена интерпретација со одмерена агогика. Видливо беше задоволството при музицирањето, кое гитаристите со леснотија го пренесоа на публиката.

Покрај двете транскрипции како завршница ги слушнавме двата „огнени“ танци, директно произлезени од традиционалното фламенко – „Танц на воденичарот“ и познатиот, заводлив „Танц на огнениот ритуал“ од андалузискиот композитор Мануел де Фаља. Ефекните танци, гитаристите ги изведоа одважно со изразито усогласена ритмика во стилот на фламенко и впечатливи нагли динамички контрасти. Но тоа не беше крај на концертот. Во продолжение слушнавме еден невообичаено долг бис, „Циркуската свита“ од современиот италијански гитарист и композитор Карло Доменикони. Тоа беше одлична завршница, што на концертот му даде дополнително весел и атрактивен тон. Програмскиот колаж од шпански, грчки, руски и препознатливи циркуски теми, во автентична интерпретација, претставуваше одлично финале на овој колоритен концерт.

Гитарата е инструмент на интимата, нејзината атрактивност е ограничена на собран, нежен волумен, но во рацете на мајстори какви што се Горан Кривокапиќ и Данијел Церовиќ, можете да го доживеете сиот раскош на бои што го кријат шесте жици.

Настапот на Црногорското гитарско дуо беше уште еден концертен бисер на „Охридско лето“.

Викица Костоска Пенева, музиколог