Завчера, во Големата сала на Националната филхармонија, Државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски-Луј“, го прослави својот патронен празник, одбележувајќи 76 години од своето постоење. Со грандиозен, свечен концерт, најголемиот музички образовен центар во државата, предводен од в.д. директорката м-р Даница Стојанова, на скопската публика ѝ се претстави со сиот свој сјај, изграден од посветената педагошка работа на наставниците и одговорниот и креативен пристап на учениците, кои, секој со својот влог, го сочинуваат мозаикот на самата институција.

Оддавајќи му најнапред почит на патронот Илија Николовски-Луј, м-р Стојанова, сублимирајќи ја суштината на културно-образовната мисија која се остварува во училиштето, во својот инспиративен воведен збор, меѓу другото, порача дека „Доблесниот млад уметник е подарок што секој добар учител го дарува на општеството. Така се сака државата, така се сака татковината“. И, навистина, најпосветените и најактивни наставници од вокално-инструменталниот оддел, од насоката за традиционална музика и игра и од основниот балетски оддел, Бехар Весели, Весна Ангелова-Христов, Гонца Богоромова-Краповски, Александра Петковска, Горан Зафировиќ, Ерхан Шукри, Ајхан Куртов, Јасна Аврамовска-Костенарова, Владимир Трајаноски, Јован Бицевски, Кристијан Христовски, Љупчо Колевски, Благој Маротов, Катерина Ќетковиќ-Фидановска, Славица Мицовска-Смилевска, Ле Фи Фи и Дафина Данилоска, од чии класи излегуваат изведувачите на патрониот концерт, на концертната сцена ѝ „подарија“ повеќе бисери кои во историјата на училиштето ќе бидат забележани како репрезенти на времето во кое го стекнуваат своето музичко образование.

На речиси двочасовниот концерт, презентирајќи разновидна и пред сè, интересна програма, настапија најдобрите ученици од основниот и средниот оддел на училиштето (Џеврие Туле, Јелопи Седеу Нишевиќ, Јана Стоилевска, Ада Богоевска, Марио Иванчов, Јаков Ангелов, Оливера Џамбазова, Михаил Димовски, Григори Ангелов, Леона Кондратенко, Виктор Манев, Калина Христовска, Христијана Матеска, Огнен Златанов, Виктор Рафајловски, Гоце Златев, Симеон Гошев, Матеј Тушевски, Јована Богдановска, Оливер Несторовски, Роберт Ангеловски, Бојана Михајловска, Стефан Трајковски, Анастасија Илиевска, Ева Ристовска, Фросина Велковска, Анастасија Бошковска и Младен Димитриевски), во пијано придружуба на наставниците Зоран Станишиќ, Марија Диманин-Богоевска, Билјана Петровска, Нита Груби и Ива Виденовиќ. Во дури седумнаесет изведувачки точки, младите музичари, секој на свој начин, со својата музикалност, техничка подготвеност, интонативна сигурност и прецизност во изведувачкиот израз, го прикажаа сиот свој креативен потенцијал. Сите тие, преку своите неколкуминутни сугестивни и инспиративни настапи, исполнети со младешка страст, полетна енергија и интерпретативен занес, го рефлектираа завршниот чин од долготрајниот, макотрпен создавачки процес на уметничко обликување на музичкото дело.

Програмската концепција, внимателно обмислена и организирана со цел да ги опфати сите сегменти од делувањето на училиштето, беше врамена во ансамбловото музицирање (започна со а капела изведба на мешаниот хор на училиштето, а заврши со настапот на камерниот оркестар „Луј“) и исполнета со солистички перформанси на пијано, виолончело, фагот, виолина, саксофон, виола, ударни инструменти, хармоника, контрабас, еден вокален дует и еден дует виоли, како и ансамблови изведби на традиционални инструменти и вокално пеење, на што, како увертира на настанот, му претходеше и балетски перформанс на група од основниот балетски оддел. Движејќи се низ европската музичка литература од времето на класицизмот, преку романтизмот, музиката на 20. век, па сè до македонското хорско творешто и традиционалните машки и женски песни, младите уметници артикулираа концентрираност и сигурност во настапите, како и слобода во интерпретацијата. При тоа, беа мошне уверливи и ефикасни во постигнувањето на сите потребни бои, нијанси и градации, давајќи им ги на делата потребниот шарм и привлечност, што пак, публиката го наградуваше со долг и френетичен аплауз. Во нивните изведби, можеа да се забележат суптилно изработени делови, мајсторски обликувани детали, проникнување во суштината на стилските карактеристики на музиката на композиторите, како и чистина и компактност во звукот. Едноставно, можеше да се препознае квалитет во вкупната изведба.

Со концертот по повод својот патронен празник, ДМБУЦ, покажа и докажа дека цврсто и сигурно чекори по патот на професионалноста, негувајќи ги највисоките уметнички, човечки и морални вредности и дека, по периодот на светската стагнација предизвикана од пандемијата, влегува во повторно освојување на културниот простор. Позициониран во врвот на современиот културно-општествен живот, центарот, со овој концерт најавува нови дострели на полето на педагошката и изведувачката дејност.

Како составен дел од одбележувањето на патронатот, фамилијата на Илија Николовски-Луј, доделува четири парични награди за најдобрите ученици. „За изборот на наградените, ќе одлучи комисија составена од десет еминентни професори од центарот, а доделувањето на наградите ќе се случи на свечен концерт кој ќе се одржи до крајот на 2021 година, а кој, од страна на центарот ќе биде посебно организиран во таа чест“ – истакна в.д. директорката на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, проф. м-р Даница Стојанова.

Д-р Александар Трајковски