Кому му се темни среде бел ден?

200

Граѓаните кои се јавија во редакцијата на весникот ВЕЧЕР  потенцираат дека треба да се внимава и да не се троши електричната енергија непотребно, бидејќи  комуналната такса за јавно осветлување која изнесува 139 денари ја плаќаме сите ние и недомаќинското работење паѓа на грбот на граѓаните

 

Уличните светилки на „Димитрија Чуповски“ во центарот на градот повеќе денови светат и наутро до 11 па и до 12 часот, се пожалија граѓани до редакцијата на весникот ВЕЧЕР.

Тие потенцираат дека треба да се внимава и да не се троши електричната енергија непотребно, бидејќи  комуналната такса за јавно осветлување која изнесува 139 денари ја плаќаме сите ние и недомаќинското работење, паѓа на грбот на граѓаните.

Ова не е изолиран случај, бидејќи ваков проблем се јавува и во другите скопски општини, каде што често пати може да се забележи како уличните светилки светат непотребно на бел ден, заборавени до доцните утрински часови.

Од Градот велат дека пријавата за конкретниот дефект ќе биде пренесен до соодветниот сектор.

– Посочениот случај на улицата „Димитрија Чуповски“ е инцидентен. Се работи за  дефект кој веднаш ќе биде отстранет од соодветниот сектор. Инаку, штелувањето, уличните светилки да се вклучуваат и исклучуваат во одредено време, според промената на сметањето на времето за еден час понапред, е направено – посочија градските власти.

Тие додаваат дека сите дефекти и забелешки со функционирањето на уличното осветлување, граѓаните можат да ги пријават до Град Скопје, до Секторот за планирање и уредување на просторот.

(А.П.)