Шимпанзото Коко, кој завчера се врати во скопската Зоолошка градина по 10-годишна рехабилитација во Холандија, веднаш си го препозна својот некогашен чувар. Драган Трајкоски вели дека средбата со Коко била многу емотивна бидејќи шимпанзото го препознало, иако беа разделени една деценија.

– Кога ме виде веднаш изреагира со скокање и радување. Се гушкавме преку решетките. Коко ми остана како дар од Бога мене, на сите вработени и на посетителите. Кога го остваривме првиот контакт бев пресреќен бидејќи повторно го гледам затоа што порано цело време му го посветував нему. Јас бев иницијаторот да замине на рехабилитација и сега се покажа дека љубовта е обострана и дека трае иако поминаа 10 години од нашата разделба – со емоции раскажа Трајкоски при првата средба што новинарите ја имаа со Коко и неговите тројца другари кои по пристигнувањето од Холандија ќе бидат 20-ина дена во карантин.

Шимпанзата и нивното ново живеалиште вчера ги посети и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој изрази задоволство што Коко е повторно во скопската Зоолошка градина целосно здрав.

– Лани почнавме да го правиме ова живеалиште кое ги исполнува сите европски стандарди. Се надевам дека правиме услови во Зоолошката во која животните, а и посетителите ќе уживаат. При крај е изградбата на живеалиштето на фламингата и на пингвините, а напролет очекувам да биде готов и Дино-паркот, со што посетеноста на Зоолошката ќе се зголеми и полека веќе станува заштитен знак на градот – рече Шилегов. 

 

Портпаролката на Зоолошка градина, Тина Мицковска, даде повеќе информации за Коко, Мими, Роси и Хјасл. Таа нагласи дека другарите на Коко порано биле малтретирани во циркуси, но по нивното доаѓање во ААП Stichting, една од најдобрите светски организации за ресоцијализација и спасување на животни, овие храбри шимпанза добија нова шанса за живот.

Во светот пред само 5-10 години живееја околу 1.000 000 шимпанза. Но, застрашувачки е фактот дека за толку кратко време се останати само 150.000 шимпанза и станаа загрозен вид. Особено се убивани во дивината, а малите бебиња земани за лабараториски експерименти, што е поразително и бескрајно сурово.

(С.Бл.) – Фото: Н. Батев