Ковачевски: Новата енергија во односите со Софија стави на маса многу проекти и можности за соработка

30

 Новата енергија и динамика на односите со Бугарија утврдени на нашата прва средба со делегацијата на бугарската Влада во Скопје и на возвратната посета на Софија и низ работата на првите средби на работните групи, стави на масата многу проекти и можности за соработка, изјави премиерот Димитар Ковачевски во интервју за националната телевизија.

– Наместо комуникација која што беше сведена на обвинувања, на говор на омраза, на настапи на пропагандисти, кои не доликуваат на односите меѓу две земји, договоривме многу конкретни иницијативи во кои ќе бидат вклучени стопанските комори, бизнис заедницата за да се зголеми во економијата и во другите области, истакна Ковачевски.

Говорејќи за конкретните иницијативи, тој го нагласи Коридорот 8, за кој истакна дека е значаен не само за Северна Македонија и за Бугарија, туку и за Албанија, бидејќи со него се поврзуваат две мориња – Црното и Јонското, и им дава шанса на трите држави за излегување на пристаништа и во Бургас и во Драч, но и поврзување и со други земји.

– На тој начин ќе може да се користи и Коридорот 10 и да се зголеми и транспортот, трговијата, и логистичките центри на оваа територија, особено на територијата на нашата држава, со оглед на тоа што ние сме центарот на Коридорот 8, истакна Ковачевски.

Тој потенцира дека според информацијата што ја има од Железницата, веќе се работи на проектот за железничката пруга Скопје-Софија.

– Финансирањето за одредени делници веќе е завршено од меѓународни кредитори и дел од државниот буџет. Рокот за некакви видливи резултати е 2027 година, истакна Ковачевски, додавајќи дека од денешна перспектива можеби тој рок изгледа далечен, но сепак тој е прилично амбициозен и остварлив имајќи предвид дека се работи за тешка делница

Во однос на најавата на бугарскиот премиер Кирил Петков пред пратениците на Собранието на Бугарија дека за 4 февруари се подготвува заедничко чествување на Гоце Делчев по повод 150-годишнината од неговото раѓање, Ковачевски нагласи дека заедничкото чествувањето на нашиот револуционер од страна на земјава и Бугарија имало и претходно, а дека оваа година тоа го организираат министерства за надворешни работи на двете земји.

– Јас и Петков нема да бидеме дел од тоа. Јас тој ден нема да бидам во земјава, затоа што имам работни обврски надвор. Чествувањето на тој ден ќе има и во иднина, додаде Ковачевски.