Книжевна дружба со Јулијана Величковска

49

Во рамки на „Ноември со Јулијана Величковска“ неформалното младинско здружение „Култура Бета“ ја најавува книжевната дружба со Јулијана Величковска.

Во кафе-книжарницата „Буква“ вечер, со почеток во 20 часот, присутните ќе можат да проследат разговор посветен на делата и преводите на Величковска, читање од стихозбирките „Комарци“ и „Отворена книга“ и од романот „Годишни времиња“, а ќе биде прикажан и поетскиот филм „Комуна Капиштец 2001“ на Марија Шаклева и Сандра Ѓоргиева направен според истоимената песна на Величковска. Модератор на настaнот ќе биде младиот поет Андреј Медиќ Лазаревски.

Јулијана Величковска има дипломирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје на Катедрата за македоска книжевност и јужнословенски книжевности. Таа е поетеса, писателка, уредничка и преведувачка. Член е на Организацискиот одбор на интернационалната културна манифестација „Поетска ноќ во Велестово“, коосновач е и директорка на „Скопскиот поетски фестивал“, член е на Друштвото на писатели на Македонија и основач на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ во Скопје.

Таа е автор на две поетски збирки „Комарци“ (2010, ПНВ Публикации) и „Отворена книга“ (2017, ПНВ Публикации), еден роман – „Годишни времиња“ (2014, 2015, 2019, ПНВ Публикација) и една монографија „ХХ години Поетска ноќ во Велестово“ (2009, Поетска ноќ во Велеството), а е преведувач и на преку 20 дела.