Расказите во збирката „Приказни на тивок оган“ на Светлана Камџијаш се создадени со длабока мисла, широка емоција и висока ерудиција, со буен стил и прецизна структура.

„Нив авторката успеала да ги напише со онаа тешко остварлива виртуозност која подразбира да се раскаже флуидно она што е најтешко за искажување. Способност која можеби најдобро може да се опише ако се обидеме да преобликуваме една констатација искажана за лик во еден од расказите во оваа книга: ‘Невидливото го правеше видливо’.

За неа, за нејзината раскажувачка умешност и уметност, тоа би било: Невидливото и тешко искажливото го прави видливо, преку зборовите. Во тоа искажување на она што најчесто останува обвиено од молкот, Светлана Камџијаш тргнува од детаљот и стигнува до сепроникнувачка целина, започнува со мигот и го опфаќа животот“, ќе посочи Гоце Смилевски за книгата која е издание на „Или-или“.