Книга: „Култура и книжевност“ – есеи за современата хуманистика

84

Ракописот „Култура и книжевност“ од македонскиот врвен филозоф-естетичар, поет и истражувач на културата Иван Џепароски претставува збирка есеи во кои на длабоко ерудитен, прецизен и стилски рафиниран начин се расправа за горливите теми на современата хуманистика.

„Имплицитна, а сепак централна позиционираност во овие есеи е (на извесен начин донкихотовската) потреба да се протолкуваат актуелните феномени на глобализацијата, масовните медиуми, популарната култура, дигитализацијата, читателовата рецепција и вкусот на публиката, за да може и во нив, и преку нив, и со нив, да се воспостави неопходната вертикала на естетски вредности. Ракописот на Џепароски е свежо и интересно четиво кое докажува дека филозофската доследност и книжевната ерудитност можат, и вообичаено, одат рака под рака со креативната луцидност, па и со лежерниот хумор и стилска комуникативност со читателската публика. Тој и најсериозните проблеми на современата хуманистика умее да ги објасни прецизно, јасно и прифатливо за читатели кои и не мораат да имаат филозофско-културолошки бекграунд“, ќе посочи Соња Стојменска Елзесер кон делото кое е во издание на „Магор“.