„Избраниот член“ на Бернис Рубенс е роман за едно нефункционално еврејско семејство, но и покрај трагичните елементи во оваа приказна, сепак комичното го прави овој роман вистинско читачко уживање.

Норман е најпаметниот во едно тесно поврзано еврејско семејство од источниот дел на Лондон. Чудо од дете, брилијантен адвокат, зеница во очите на неговите родители… сè до неговата четириесетта година кога станува зависник од дрога, затворен во својата спална соба, на милост и немилост на неговите халуцинации и параноја.

За Норман, одењето во ментална болница претставува врвен чин на предавство. За рабинот Звек, таткото на Норман, влошената состојба на синот е горчлив потсетник за неговата вина и неуспех.

Само Бела, немажената инфантилна сестра со бели чорапчиња до глуждови, може да премине преку бездната на болка за да го овозможи неостварливиот мир меѓу таткото и синот, мирот по кој и двајцата толку очајно копнеат.