Клуч на врата за компаниите кои нема да исплатат минималец

Законот за минимална плата, кој неделава беше изгласан во Собранието, ги скара власта и опозицијата и предизвика низа реакции од страна на бизнис секторот и граѓаните. За едни минималната плата се зголемува без да бидат прашани работодавците и стопанските комори, а за други зголемувањето е во вистински момент. Бизнис секторот смета дека зголемувањето ќе се одрази врз работењето на малите и средни претпријатија кои нема да можат да го издржат ваквото зголемување и оти на овој начин ќе се забрза процесот на затворање на понерентабилните фабрики кои ќе бидат принудени да стават клуч на врата

295

Минималната плата, која од декември ќе изнесува 14.500 денари, ги скара власта и опозицијата за едните е популистички чекор, а за другите решение во вистински момент. Забелешките од страна на опозицијата беа дека законот се носи пред избори и без детална анализа за ефектите врз економијата и бизнисот, додека пак за власта, покачувањето на минималната плата е исполнување на ветеното со изборната програма со која дошле на власт.

И бизнис заедницата со различни ставови и мислења околу зголемувањето на минималната плата. Едни сметат дека зголемувањето на минималната плата ќе се одрази врз работењето на малите и средни претпријатија кои нема да можат да го издржат ваквото зголемување, а други, пак, дека на овој начин ќе се забрза процесот на затворање на понерентабилните фабрики кои поради неможноста да исплатат минимална плата ќе бидат принудени да стават клуч на врата.

-Во Економско социјалниот совет и во сите инстанци кои ги имавме за преговарање околу минималната плата дадовме предлог, покачувањето на платата да оди во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните, но тоа да го издржат и работодавците. Владата ја прифати таа иницијатива со субвенционирање на платите од 6.000 денари, вели за весникот „Вечер“, претседателот на Бизнис конфедерација на Македонија, Миле Бошков.

Според него, ваквото големо зголемување на минималната плата ќе се одрази на работењето на компаниите кои нема да можат да го издржат.

И анализата на податоците од Централен регистар покажува дека само 1.200 компании имаат остварено промет од над 1.000 евра, а само 750 компании имаат промет над 250.000 евра, а само 1.500 компании имаат раст на прометот од 5 %.

Бошков вели дека зголемувањето на платите од над 20 отсто не е во корелација ниту со обемот на бизнисот, ниту пак со остварените приходи и профит на компаниите. Поради тоа, смета дека зголемувањето на минималната плата многу повеќе ќе се одрази врз работењето на микро и малите компании, отколку врз големите компании.

Претседателот на Организацијата на работодавачи (ОРМ), Ангел Димитров смета дека зголемувањето на минималната плата ќе ги демотивира добрите работници и негативно ќе влијае врз продуктивноста.

-Ако гледаме дека многу млади си заминуваат од државата поради ниските плати тогаш зголемувањето на платата е нормално. Но, од друга страна ако се гледа дека минималната плата е 60 отсто од просечната плата тогаш таа ќе ги демотивира добрите работници и ќе влијае негативно врз продуктивноста. Процесот на зголемување на платата треба да биде пазарна категорија. Пазарот треба да одлучи компаниите кои не можат да го издржат тој натпревар да стават клуч на врата. На овој начин ќе се забрза процесот на затворање на понерентабилните фабрики, вели Димитров.

Тој додава дека треба многу да се внимава при пораст на платите, односно порастот на платите треба да се реализира со отворање на компании со повисока додадена вредност кој ќе можат да даваат плата, а не само со административни одлуки, односно носење на закони.

За опозициската СДСМ зголемувањето на минималната плата не е популистичка мерка, туку мерка во согласност со програмата која ќе ја зајакне социјалата, ќе го подигне стандардот и ќе го намали економскиот јаз меѓу граѓаните. Така со новото законско решение веќе во декември 90.000 граѓани ќе добијат покачување на платите. Тоа е зголемуваме за 5.500 денари или над 60 отсто на минималната плата за само две и пол години. Со новото зголемување на минимална плата дополнителни 66.000 денари годишно ќе завршуваат кај граѓаните.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, обвини дека покачувањето на платата има за цел поткуп на гласачи.

-Носите едно решение без дебата, без да бидат прашани работодавците и стопанските комори. Освен тоа, некоординирани сте во ставовите. Вашата министерска Царовска рече за да се прехрани едно четиричлено семејство требаат 17.500 денари, а платата се покачува на 14.500, што значи дека минималната плата не стига ниту за храна. Ова е факт дека решението е носено несистемски и набрзина, без анализа. Поради тоа може да има реперкусии врз работниците со нивно отпуштање зашто работодавците може да не го издржат тој товар“, изјави Данев. (А.С.)