„Клацкалки“ ќе ги паркираат возилата на центарци

143

Со употреба на механизирани паркинг системи (т.н клацкалки) центарци ќе можат да обезбедат паркинг место во рамки на градежните парцели. Ваква одлука е донесена на последната седница на Советот на Општина Центар.

„Клацкалките“ ќе ги подигаат или спуштаат автомобилите со цел искористување на просторот под, односно над друго возило како дополнително паркинг место, а притоа не претставуваат градежни структури.

Со одлуката се забранува употребата на механизирани паркинг системи со повеќе од две нивоа, а нивната употреба се ограничува во рамки на градежната парцела, односно во делот кој е предвиден за градење, каде што системите може да се поставуваат на приземното ниво и во подземните нивоа.

–  Со оваа одлука решаваме еден голем проблем, а размислуваме да се формира комисија за домување, која за задача ќе има по градењето да врши увид на терен, да види што се случува со паркирањето и дали се користат механизираните системи – изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Во градежните парцели со површина до 1.000 квадратни метри, дозволена е употреба на механизирани паркинг системи доколку најмалку 50 проценти од потребниот број на паркинг места се обезбедени без механизирани системи, а за оние парцели со површина од над 1.000 квадратни метри дозволена е употреба доколку најмалку 90 провенти од потребниот број на паркинг места се без паркинг системи.