Кланиците почнаа да ангажираат месари на повик

Месните индустрии мака мачат да најдат месари, касапи... Платите се високи, но се работи и за многу тешка и ризична работа. Во помалите месарници платите се помали, но и помалку се работи. Кланиците пак по потреба кога ќе стигнат поголеми количини на свињи, јагниња... ангажираат пензионирани касапи или касапи на повик за двојно поголеми дневници.

287

Во државата фалат месари, касапи, месопреработувачи. Месните индустрии и покрај тоа што нудат високи плати, кои се движат од 30.000 па нагоре, не можат да најдат ваков кадар. И во помалите месарници низ државата касапи нема, а на огласите за работа постојано се бараат овие занимања. Во државата нема невработен касап, а во кланиците по потреба кога ќе стигнат поголеми количини на свињи, јагниња… ангажираат пензионирани касапи или касапи на повик за двојно поголеми дневници.

Еден месар од една скопска месарница објаснува дека имале потреба од уште еден месар и долго време барале работник, но никој не се нафатил за плата од 25.000 денари што му ја нуделе.

-Навистина има недостиг на месари и касапи во државата, но платите не се толку високи колку што велат. Во помалите месарници како нашата почетната плата е 20.000 денари. Можеби во поголемите месарници даваат повисоки плати, но и работат многу повеќе саати. Кај нас има одредено работно време кое најчесто се почитува. Понекогаш доколку има потреба најчесто кога ќе добиеме месо остануваме неколку часа повеќе, но не секој ден, вели Александар, касап и сопственик на една скопска месарница.

Според него, платите на месарите и не се така високи ако се има предвид дека се работи за ризична и тешка работа.

-Ова е работа која се работи со нож и треба многу да се внимава. Многу често се случува да се исечеме, но тоа е дел од работата. Од друга страна, бидејќи се работи со месо рацете постојано ти се во мраз, во сол, во вода, па поради тоа рацете на касапите секогаш се црвени и отечени, објаснува за весникот “Вечер“, месарот Александар и додава дека ова е занает кој се учи со работа. Не може некој да дојде и одма да се фати за нож.

Од месните индустрии, каде исто така има голем недостиг од месари и касапи, велат дека за оваа работа освен познавање на занаетот потребна е практична примена на знаењето. Не може некој од клупа да дојде во месарница и веднаш да знае да среди свиња, овца…

Жарко Ангеловски, сопственик на месна индустрија во државата вели дека недостасуваат месопреработувачи, особено за работа со свежо месо, како што се колачи на говеда и месари и полначи на машини за месо. За ублажување на оваа состојба тие ја поддржуваат иницијативата на Стопанската комора на Македонија за заживување на оние средни стопански училишта кои ќе произведуваат работен кадар наменски за потребите на индустријата.

(А.С.)