Киро Ристов со монографија: Таор има богата историја, но дали е и родното место на царот Јустинијан?

487

Монографијата на повеќе од 350 страници опфаќа содржини од истражувањата од различни периоди: праисториски, хеленистички, раноримски, рановизантиски, средновековен период и доцносредновековна некропола од XV до XVII век. Има десет поглавја, како и 414 илустрации, а тоа се колор фотографии на движните наоди, предмети, монети, карти, технички цртежи… Во книгата посебно се обработуваат наоди на 546 откриени монети, преку каталог во кој е обработена секоја монета. Претставени се и 345 рановизантиски монети на византиските цареви

„Во историските извори, првиот научен податок за селото Таор и локалитетот Градиште (Тауресиум) е евидентиран од англискиот истражувач, археолог и патеписец Артур Еванс пред стотина години. Посетувајќи го локалитетот, тој ги забележал првичните информации за остатоците и неговата местоположба како позиција на која треба да се бара Тауресиум, кој според Прокопиј е родното место на императорот Јустинијан Први (525-565)“, забележува археологот Киро Ристов во својата монографија „Таор – рановизантиско утврдување и населба од праисторијата до средниот век“. Токму оваа книга на Ристов е резултат на повеќегодишни истражувања на локалитетот Градиште кај селото Таор.

„Во монографијата се презентирани откриените наоди од археолошките истражувања кои се одвивале од 2000 до 2017 година, фактички до ден-денешен. Тоа, всушност, е она што го ископуваме на терен, но не само наодите туку и самото археолошко истражување е битно заради тоа што ние мора да знаеме од кого тие наоди биле користени, како живееле луѓето таму, како била организирана таа населба. Се работи за неколку населби кои таму ги откривме. Првата населба датира од раното бронзено време од 2200 – 1800 година пред н.е, потоа имаме хеленистички период од 3 до 2 век пр.н.е, и веќе од 2 век до ден денешен континуирано таму има активност од жители“ изјави за весникот „Вечер“ Киро Ристов, авторот на монографијата.

Повеќегодишните археолошки истражувања на Музеј на Град Скопје на локалитетот Градиште, којшто се наоѓа во село Таор во скопската општина Зелениково, се одвивале под раководство на м-р Киро Ристов, а од 2008 локалитетот се вброил во капиталните археолошки проекти иницирани од Владата на Република Македонија во координација на Управата за заштита на културното наследство, финансирани од Министерството за култура.

„Од пронајдоците е утврдено дека покрај населбата таму имало сместено и воена единица, така што имаме пронајдено многу оружје, накит, земјоделски алати, мерни инструменти, тегови, предмети од коска, како и наоди од керамика кои се во најголем обем, а која сè уште чека да биде обработена затоа што ја наоѓаме во фрагментарна состојба и тоа е тешкотијата за да направиме нејзина типологија“, додаде Ристов.

Монографијата на повеќе од 350 страници, опфаќа содржини од истражувањата од различни периоди: праисториски, хеленистички, раноримски, рановизантиски, средновековен период и доцносредновековна некропола од XV до XVII век. Има десет поглавја, како и 414 илустрации, а тоа се колор фотографии на движните наоди, предмети, монети, карти, технички цртежи…

Во книгата посебно се обработуваат наоди на 546 откриени монети, преку каталог во кој е обработена секоја монета. Претставени се и 345 рановизантиски монети на византиските цареви.

„Овој моќен рановизантиски културен хоризонт што толку грижливо и педантно ни го претставува авторот, очигледно сака да порача нешто и порачува нешто. Дали тоа била силна контрола на мостот преку Вардар, дали тоа била значајна рановизантиска база за трансфер на сигналната комуникација кон Стоби и Тесалоника за предупредување на доаѓањето на варварски групи или е тоа, можеби грижата на Јустинијан за своето родно село? Сите три опции имаат основа“, посочи Виктор Лилчиќ, на промоцијата на оваа книга во Музејот на Град Скопје. Тој додаде дека студијата на Киро Ристов за Градиште, Таор е и студија за археолошкиот локалитет каде можеби Јустинијан сепак се родил.

„Денес пред нас стои една моќна археолошка референца, референцата Таор, тоа е скапоцениот дар од авторот за Македонија, Балканот и светот. Силен поттик за развојот на општина Зелениково, Скопје и Македонија преку археолошкиот туризам којшто може и треба да остварува значителни финансиски придобивки. Ја препорачувам студијата Таор бидејќи во неа се говори за дел од античките цивилизациски корени на европската колепка на народите“, додаде Лилчиќ, посочувајќи дека ова е и огромен чекор направен од Киро Ристов во потрагата на родното место на царот Јустинијан. (Н.И.Т.)