Нема грчките даночни обврзници да ги плаќаат здравствените услуги за странски осигуреници, вели министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас во однос на новите предвидени измени во грчкиот здравствен систем, со кои ќе се наплаќа секоја здравствена услуга за странски државјани.

Според циркуларот од министерството, испратен до здравствените региони во Грција, што го објавуваат грчките медиуми, ќе се воведе систем за регистрација и наплата на трошоците за хоспитализација на Европејците и граѓаните од тр ети земји кои ја посетуваат Грција и ги користат здравствените услуги, jави дописничката на МИА од Атина.

Поконкретно, на здравствените установи им се посочува дека доколку е потребна здравствена грижа, а станува збор за лице кое има здравствено осигурување, односно поседува Европска картичка за здравствено осигурување, тогаш ќе треба да се бара враќање на трошоците од соодветниот здравствен систем во Европа.

Во случај пациентот да е осигуреник од трета земја вон ЕУ, тогаш ќе си ги плати приватно трошоците за услугите, бидејќи не постојат меѓудржавни договори со трети земји за покривање на трошоците за хоспитализација.

-Ниту едно изгубено евро на грчките даночни обврзници. Грчките даночни обврзници повеќе нема да плаќаат за услугите што им ги нуди Националниот здравствен систем на странските осигуреници, вели министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас, пренесе грчката новинска агенција АНА-МПА.