Кањон Матка денес е споменик на негрижата!

169

Додека во Собранието на РМ пред пратениците е Предлог-законот за прогласување на Кањон Матка за споменик на природата, во прво читање, граѓани на социјалните мрежи споделуваат фотографии за моменталната состојба на ова место.

– Кањонот Матка денес претставува споменик на негрижа кон природата и кон татковината и кон сите оние што со години прават напори ова место да ја добие заслужената заштита. Искрено, ви препорачувам да не се изложувате на непотребен стрес и губење драгоцени денови од викенд за посета на оваа дестинација. Оти, освен младите ентузијасти од кајакарското здружение што овде традиционално се подготвуваат за некое првенство во кајак на диви води, нема што да видите, поточно, има многу што не сакате да видите, вклучително и заклучените порти на манастирската црква „Св. Андреја” – вели Ирена Андреевска.

Ако сакате да го посетите манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ (познат и како манастир „Матка“), Андреевска препорачува тоа да се направи за време на работната недела, оти за време на викенд, како што нагласува „многу веројатно ќе ви се случи со часови да заглавите во сообраќајниот хаос оставен на милост и немилост на возачите“.

– Се чини дека не постојат надлежни институции за овој дел од светот (градот) – потенцира таа.

Василка Стефановска, пак, поради истите причини вели дека повеќе од 10 години не стапнала на таа, за неа омилена дестинација.

– Сè со што можевме да се гордееме, уништивме – заклучува Стефановска.

Репрогласувањето на Матка треба да биде финализирано со донесување на Законот. Исто така, треба да биде дефиниран и управувач со заштитеното подрачје и да се формира управувачка структура.

– Богатството и разновидноста на природните вредности (биодиверзитетот и геодиверзитетот) се основни причини Кањонот Матка да биде рангиран како еден од најзначајните локалитети на природно наследство во државата – потенцираат од Министерството за животна средина.

(С.Бл.)