Карпошани бараат санирање на плочникот во Порта Влае и заштитни столпчиња

256

Прашалникот кој на социјалните  мрежи го постави Општина Карпош, каде ќе можат да да дадат свои предлози и со тоа да учествуваат во креирањето на буџетот, досега го пополниле 410 граѓани, а истиот ќе биде активен до среда (03.12.2020), на следниов линк: https://bit.ly/3fHirpJ, соопштија од локалната самоуправа.

Оттаму потенцираат дека најактивни се граѓаните од Карпош 1, Карпош 4 и Тафталиџе 1. Односно, жителите од овие урбани заедници пополниле најмногу прашалници.

Кога станува збор за најчесто пријавувани проблеми или идеи за нови проекти, како што информираат од Општината, доминираат предлозите од три области и тоа: инфраструктура, екологија и урбанизам.

Имено, граѓаните бараат почеток на реконструкција на плочникот во Порта Влае.

-За таа цел, веќе е донесена развојна програма за финансирање на проектот, во две буџетски години. А, во финална фаза е основниот проект, кој предвидува нови гранитни плочки и хидроизолација за платото. Во првата половина на 2021 се очекуваат и теренските активности за реконструкција-најавија од локалната самоуправа.

Во делот на зголемување на безбедноста во сообраќајот, карпошани бараат поставување на повеќе заштитни столпчиња околу воспитно-образовните установи, но и колку што е можно повеќе да се „ослободат“ тротоарите од возила.

Акцентирана е потребата и за реконструкција на дел од постоечките фасади на зградите.

– Ја користиме оваа пригода, да информираме дека повторно ќе се објави јавен повик за субвенционирање на реконструкција на фасади, но и постоечки лифтови и покривни површини-нагласуваат општинските власти.

Проблемот со паркирање е посочен и оваа година.

Локалната самоуправа во текот на 2020 спроведе анкети во Карпош 1 и Карпош 2, како населби кои се најзасегнати од ова прашање.

Оттаму истакнаа дека доминираат одговори за воведување на зонско паркирање, по што во тек се координативни активности со ЈП „Градски паркинг“ за спроведување на регулација на паркингот.

-Хигиената околу контејнерите е проблем на кој уште треба да се работи, иако се поставени нови и затворени контејнери од Градот Скопје и ЈП „Комунална хигиена“-сметаат од Општината.

Паралелно со прашалникот, Општина Карпош ќе спроведе и теренска анкета, на 1.000 испитаници за да добие уште појасна слика за проблемите и потребите на граѓаните.

На овој начин, според општинските власти, жителите посочуваат конкретно, кои проекти за нив се најприоритетни, со што и помагаат на Општината да ги рационализира средствата со кои располага.

Следствено, сите граѓански предлози и идеи ќе бидат проследени до соодветните сектори и одделенија на локалната самоуправа. Оттаму, се што е реално остварливо и во рамки на финансиските можности и надлежности на Општината, ќе биде интегрирано во Буџетот за 2021 година.