Францускиот ракометен репрезентатиец Никола Карабатиќ, на дуелот против Исланд, на Европското првенство во Унгарија и Словачка, играше иако два дена пред тоа на тестирањето имаше позитивен тест на коронавирус. И покрај позитивниот резултат тој настапи во изненадувачкиот пораз на Французите.

Карабатиќ во декември беше заразен со коронавирусот, затоа и понатаму може да биде позитивен на тестирањето, но не претставува ризик да ја шири инфекција во неговата околина. Иако звучи сомнително и нелогично, ова е објаснувањето за неговата ситуација.

-Точно е дека Никола Карабатиќ имаше позитивен тест на коронавирусот по натпреварот со Холандија. Неговата медицинска историја ја разгледаа нашите медицински експерти, бидејќи тој претходно бил заразен со вирусот. Повторно беше тестиран, а врз основа на ЦТ и неговата медицинска историја беше оценето дека тој може да игра, се вели во соопштението од ЕХФ.