Кандидатот за градоначалник на СДСМ, Сашко Николов најави неколку капитални проекти за Штип

358

Изградба на сто куќи за социјално ранливите семејства и брана на река Отиња се едни од приоритетните проекти на кандидатот за градоначалник на СДСМ, Сашко Николов. Тој во вечерашново интервју за гледачите на социјалните мрежи потенцираше дека преку одговорни политики ќе се создадат подобри услови за живот на граѓаните.

Кога зборувам за граѓани мислам буквално на сите граѓани затоа што имаме луѓе кои немаат дом, но затоа имаме план за изградба на 100 куќи за тие луѓе. Понатаму, планираме опремување и реновирање на центрите за лицата со попреченост, отворање центар за пензионерите, реконструкција на градинки, децата на самохраните родители бесплатно да одат во тие градинки. Предвидено е поголем број санации на училишта за да обезбедиме услови за учениците, вели Николов.

Посочи дека во наредниот период ќе продолжи и проектот за гасификација, а за кој какошто рече ќе трае неколку години и е голем проект. Приоритети му се и животната средина, сообраќајот и спортот. Во Програмата предвидена е реконструкција на неколку главни улици во Штип, но и проширување на булеварот „Партизанска“, како и на улицата која води до штипската Клиничка болница. Николов вели дека важно му е и здравјето на граѓаните.

-Сакаме да поставиме поголем број на мерни станици за амбиентален воздух, ќе воведеме нов режим за собирање на смет, а за таа намена ни стигаат шест нови возила, ќе почнеме да го делиме сметот и да го едуцираме населението, како да го делат сметот, вели Николов.

Во вечерашново интервју потенцираше дека ќе се изгради и патека за велосипедисти и пешаци до Карорман, наскоро завршува изградбата и на затворениот училишен базен.

Извор:МИА