Кај нас познато како македонско, домашно или црно кафе, некои го нарекуваат „турско“ кафе, како што и го нарекуваат Турците, во Грција и на Кипар е познато како „грчко“ кафе, во Босна е „босанско“, во Ерменија е „ерменско“, кај Арапите „арапско“…Но, во средината на 16 век било нарекувано само kahve – кафе. Во тоа време владеело Османлиското царство, кое од југоисточна Европа до Персија ја ширело љубовта кон кафето.

Во раните години на 19 века царството почнало да се распаѓа. Кафето во тоа имало и свој удел, пишува The Economist.

Кафето дошло во Турција за време на владеењето на султанот Сулејман Величествениот. Кога човекот кој султанот го испратил да управува со Јемен наишол на кофеинскиот напиток познат како qahwah, понел кафе со себе назад во османскиот двор во Цариград, каде што овој пијалок станал хит.

Дворскиот мајстор за кафе имал неколку десетина помошници со чија помош го мелел арапското кафе во екстра фин прав, кој по текстура бил сличен на денешното еспресо. Потоа кафето било варено во бакарни садови наречени cezves (оттаму доаѓа „ѓезве“). Добиениот пијалок бил горчлив, црн и прелиен со тенок слој пена кој настанувал при сипувањето, а се послужувал во мали порцелански чаши. За да се избалансира горчината, според легендата, сопругата на Сулејман – Хурем Султан, го служела кафето со чаша вода и слатки. Впрочем така се служи и денес во Турција.

Популарноста на кафето толку брзо растела што на некои кафето им замирисало на „ѓаволска работа“. Иако овој пијалок воопшто не се споменува во исламските свети списи, еден тврдокорен свештеник од времето на Сулејман издал фатва против кафето и наредил дека муслиманите не смеат да го пијат.

Меѓутоа, тоа не ја намалило привлечноста на горкиот напиток. Во 1555 година во Истанбул е отворена првата јавна кафана (т.е. kahveane). Наскоро, речиси една на секои шест продавници во градот послужувала кафе. Постепено, кафето станало популарно во безмалку сите краеви на царството.

Поради кафето, мажите се собирале во домовите, џамиите или на пазарите. Таму се дружеле, разменувале информации, се забавувале и образувале. Писмените членови на општеството на глас ги читале вестите на денот, јаничарите таму ги договарале протестите против султанот, официјалните лица разговарале за судските интриги, трговците разменувале воени гласини. Неписмените главно слушале и учеле.

Во кафаните исто така луѓето се запознавале со идеите кои претставувале неволја за отоманската власт; таму се раѓале и растеле идеите за побуна, стремежите за автономија, се дискутирале пропустите на моќниците.

Не поминало долго пред властите да почнат да ги сметаат кафеаните за сериозна закана. Некои султани меѓу гостите во кафеаните инсталирале шпиони, за да го „прислушкуваат“ јавното мислење. Други, како Мурат IV, султан од раниот 18. век, се обиделе целосно да ги забранат. Но сепак, кафеаните биле премногу профитабилни за такво нешто.

Кога во 19. век во земјите под османлиско ропство дошло до подем и точка на вриење на народноослободителните движења, популарноста на кафеаните уште повеќе почнала да расте, особено во европските поробени територии, меѓу христијанските народи. Во кафеаните во Солун, Софија и Белград лидерите на народните движења ги планирале и договарале своите тактики и ги зацврстувале меѓусебните сојузи.

Нивните напори под влијание на кофеинот успеале со воспоставување на независни држави. Времињата и околностите се менувале, но кафето останало еден од најпопуларните пијалоци и до денешен ден.