Кавадарчанец освои сребро на светски натпревар во брзо примање и предавање на морзеови знаци

69

Кавадарчанецот Дарко Трајков освои сребро на светски натпревар во брзо примање и предавање на морзеови знаци, што се одржа во Албена, Бугарија.

Претседателот на кавадаречкиот радио клуб „Искра”, Миле Трајков, во изјава за МИА истакнал дека ова е уште еден доказ дека Кавадарци е расадник на таленти од разни области, па и за познавање на морзеовата азбука.

-Станува збор за натпреварување во брза телеграфија, во светот популарно наречено HST(high speed telegraphy). Дарко си ги одмери силите во најтешката, сениорска конкуренција, во дисциплината RUFZ(прием на радио аматерски знаци), појасни претседателот.

Притоа нагласи дека, според нивните сознанија, во историјата на нашата држава, ова е највисокиот резултат постигнат од македонски натпреварувач на светско првенство од оваа област.

Дарко Трајков е вработен во Армијата на Република Северна Македонија.

-Уште еден армиски припадник потврдува дека покрај професионалното извршување на обврските во единицата, можат да се постигнуваат  и врвни резултати надвор од службата. Овојпат припадникот на баталјонот на Воена полиција, поручник Дарко Трајков, на шестнаесетото по ред светско првенство во радио телеграфија, во најтешката и најбројната сениорска конкуренција во дисциплината “Rufz XP”, го освои високото второ место, стои во интернет постот на Армијата.