На локалитетот „Чаир Рид” во Неготинско откриени се архитектонски остатоци на акропола.

Според директорката на неготинскиот музеј, Драгица Чекорова, откритијата укажуваат на постоење на урбана населба од хеленистичкиот период, за чие откривање исто така се потребни понатамошно пообемни истражувања.

Станува збор за сондажно истражување, кое има за цел да се добијат научни податоци за стратиграфијата и обемот на овој импозантен археолошки локалитет.
„Со овие истражувања засега се открија остатоци од живеење од бронзено време, железно време, предримскиот (класичен и хеленистички) период и од римскиот царски период. Пронајдени се остатоци од една градба од римскиот период, која навестува постоење на сакрален објект (храм), но за целосно дефинирање ќе бидат потребни идни пообемни истражувања“, нагласи таа.

Проектот е поддржан од Министерството за култура, носител на проектот е Музеј на Неготино во соработка со Филозофски Факултет-Скопје, Институт за историја на уметноста и археологија.