Историјата на македонскиот народ не е желботека! – „Со сила нема убавина“

66

Не стивнуваат реакциите околу изјавата на премиерот Зоран Заев дека ќе се ревидираат учебниците и ќе се брише зборот „бугарски“ пред фашистички окупатор во учебниците по историја. Социјалните мрежи вријат од коментари од политичките неистомисленици, но негативни пораки за изјавата на премиерот испратија и неговите до вчерашни сопартијци.

-Имало ли бугарски фашисти во Македонија во време на Втората светска војна како што имало и италијански фашисти и германски нацисти и фашисти. Имало. И тоа е историски факт запишан во сите светски енциклопедии и историски учебници. Ако на некој споменик во Македонија пишува дека тој и тој народен херој е убиен од бугарските фашисти во време на Втората светска војна, тоа не треба да ги навредува Бугарите освен ако сметаат дека за време на Втората светска војна не постоеле бугарски фашисти и окупатори на туѓи територии туку само „ослободители и администратори“. Тие може да сакаат да си ја разубавуваат својата национална историја со бројни фалсификати но ние во име на жртвите во борбата против фашизмот тоа не смееме да го прифатиме, особено не како услов за членство во ЕУ. Можно е само да допишеме таму кај што треба дека се тоа жртви на бугарските фашисти од време на Втората светска војна и ништо повеќе“, смета универзитетскиот професор,  политичар и дипломат Ѓорѓи Спасов, кој преку Фејсбук му порача на премиерот дека не треба да се брише „бугарски фашисти“.

Професорката Ана Павловска-Данева за настанатиот скандал  прашува: „Следно што е? Дека партизаните не окупирале, а Бугарите не ослободиле?“, пишува Павловска Данева.

И екс-функционерката на СДСМ, Софија Куновска, испрати порака до Заев: „Се моли премиерот да престане да не третира за малоумни и низ ужасни манипулации да се обидува да го брани тоа што е неодбранливо. И ова не е инцидент ова е веќе негова навика, порачува Куновска.

Дека не треба да се прават никакви отстапки смета и претседателот на ДС и пратеник Павле Трајанов, затоа што, како што рече, историските факти не можат да се ревидираат.

„Историските факти не можат да се ревидираат со политичка одлука. Бугарија била окупатор на оваа територија во тоа време и сакала да се претстави како ослободител. Тоа не може никој да го избрише од меморијата и пишаните факти,“ рече тој.

Изјавата на премиерот за ревидирање на учебниците, за историчарката Наташа Котлар е „неука, суртучка, безобразна.

-Учебниците треба (а, така е насекаде), да се пишуваат врз основа на научните сознанија и принципи, а не според желбите на еден премиер, претседател или владетел за „пријателски дух“. Ова е фалсификување на некогашната сегашност – минатото, на еден народ. Историјата на македонскиот народ не може да биде желботека на неписмените (ѓоа)политичари и мегдан за фалсификување! Недостоинствено, ненаучно и срамно!“, смета Котлар.

Академик Катица Ќулавкова коментира дека според однесувањето на политичкиот врв, испаѓа дека Македонија нема свој национален интерес, туку се жртвува за заштита на националните интереси на соседите и пошироко. „Својата историја сама си ја фалсификува, со помош на државниот врв… Од врвот си патиме, вели академик Ќулавкова.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, вчера посочи дека „големиот проблем за напредок и во разговорите околу историјата и во разговорите за другите теми каде имаме разлики е атмосферата на уцена“.

-И македонскиот народ и бугарскиот народ и многу други балкански народи имаат една изрека која што вели „со сила нема убавина“. За вистинска блискост и за вистински напредок не може да стане збор ако опстане оваа атмосфера на уцена. Мора да има меѓусебна почит, мора да има поголемо разбирање на чувствителноста на другиот. Не може да се создаде блискост и пријателство без таква елементарна почит и никако не може да се создаде блискост и пријателства кога се уценува, потенцира Димитров.

За премиерот Заев  не треба да се поистоветуваат цели нации со фашистичкиот окупатор и оти ваквата најава е во духот на пријателството, добрососедство и европските манири. Смета дека со ваквата најава не се меша во работата на Мешовитата македонско-бугарска комисија.

Во меѓувреме, бугарскиот државен врв на разговорите со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој, неделава, беше во посета на Софија, ја повтори позицијата во однос на прашањето кон Македонија, барајќи од Скопје да покаже конкретни чекори и гаранции за исполнување на Договорот за добрососедство. (Е.А.)