Министерството за надворешни работи формира секретаријат што ќе помага во работата на македонскиот дел од Историската комисија, соопшти шефот на дипломатијата Бујар Османи. Тој додава дека македонскиот тим во Комисијата ќе ги предлага членовите во ова тело, кое ќе помага во подготовката на материјалите за комисиската работа. Последната дводневна средба на мешовитата Комисија, која заврши вчерa, во Скопје, помина без изјави, а следната средба е договорена за во октомври.

Министерот Османи денеска информираше дека МНР создава секретаријат за административна поддршка на македонскиот тим во мултидисциплинарната Комисија, со луѓе кои ќе бидат предложени од Комисијата.

– Тоа ќе бидат нивни асистенти, кои ќе им ги подготвуваат материјалите, ќе им помагаат во административниот дел и во менаџирањето на нивната работа. Тоа ќе биде цел секретаријат што ќе биде во функција на поефикасно подготвување и функционирање на Историската комисија, бидејќи нивниот степен на подготвеност ќе биде исклучително важен за динамиката на нивната работа – рече Османи. 

Тој нагласи дека иако МНР ќе ги склучи договорите со овие луѓе во секретаријатот, ниту едно име нема да биде предложено од Министерството, туку дека чекаат од Комисијата таа да ги избере своите соработници. По предлог на МНР, додаде, се формирала и интерресорска работна група, која ќе ја раководи тој, и четири тематски подгрупи на експертско ниво, кои ќе го следат процесот на имплементација на обврските што произлегуваат од билатералниот Протокол меѓу Македонија и Бугарија. Ги охрабри членовите на Комисијата да бидат што поотворени со јавноста, оценувајќи дека со секретаријатот ќе имаат можност повеќе да работат и да бидат во комуникација со медиумите.

Вчера македонскиот тим во Комисијата, преку соопштение, информира дека тема на дводневната средба во Скопје со неговите бугарски колеги биле учебниците по историја што го третираат периодот на средновековната историја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев.

– Во однос на учебниците по историја, тема на дискусија беа средновековните црковни институции и нивното значење за христијанството и словенската писменост и култура. Со оглед на долготрајноста на дискусијата по оваа тема, членовите на Комисијата не отворија други теми. Дискусијата по оваа и другите теми за учебниците по историја ќе продолжи на следната средба, која би требало да се одржи кон крајот на октомври оваа година – се наведува во соопштението по средбата која помина без прес-конференција или изјави за медиумите на членовите на двата тима во заедничката Комисија.

На заедничко чествување на Гоце Делчев жестоко се противи Здружението на историчарите, кое посочува дека секој обид за негово комисиско врамување ќе биде потврда на бугарските тези дека тој бил Бугарин.

– Сметам дека јавноста треба да знае дека Комисијата ниту може ниту ќе донесе нешто што е правилно, тоа ќе биде фалсификат, тоа ќе биде узурпација и тоа ќе биде смрт за сето она што значи слободно творење – напиша на социјалните мрежи Наташа Котлар-Трајкова од Институтот за национална историја.

Според проф. д-р Илија Велев од Институтот за македонска литература, покрај масовните осудувачки јавни реакции од академската и од научната средина во Македонија за првите препораки од заедничката бугарско-македонска Комисија, македонските членови и на последната средба ја продолжиле својата „мисија“ како ништо досега да не се случило.

– Ајде ако се принудени да не ги почитуваат своите колеги и македонското национално достоинство, тогаш со кој образ и со кое достоинство македонските колеги историчари седеа до бугарските историчари овие два дена, кога од некои бугарски колеги во јавноста беа наречени ситни трговци (за „на ти ми, дај ми“) и дека во досегашната заедничка работа тие не воделе достојни научни расправи на состаноците. Веруваме дека не побарале објаснувања, па по налог на политиката продолжиле да се дружат – за како пластелини да бидат претворани во фигури за детско играње – напиша проф. д-р Велев на социјалните мрежи. 

Тој ги повика колегите да се повлечат од Комисијата и да ѝ се вратат на науката.

– Почитувани колеги, поради Вашите поранешни посветености на науката, не е доцна ниту сега да се повлечете и да се вратите во институциите од каде што се зачленивте во т.н. комисија, зашто само во академските и во научните институции науката, историографијата и македонистиката се достојно афирмирани и заштитени. На Вас е да одлучите. И немојте да заборавите дека Ве потсетивме! -порача проф. д-р Велев.

На последната рунда разговори на мешовитата Комисија, во македонскиот тим му се приклучи Димитар Љоровски, историчар и професор во Институтот за национална историја, кој доаѓа на местото на Ванчо Ѓоргиев, откако тој лани ја напушти Комисијата.

Заедничката македонско-бугарска Комисија за историски прашања на претходната средба на 15 август усвои и објави препораки што се однесуваат на подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во Северна Македонија и за петти клас во Бугарија, како и препораки за заедничко чествување на личности од средниот век – светите Кирил и Методиј, свети Климент, свети Наум и цар Самоил. Тие препораки се усвоени од Заедничката меѓувладина комисија формирана согласно со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.

(И.С.)