Искористените маски и ракавици да се спакуваат во кеси и да се фрлат во специјализирани корпи

174

Специјализирани корпи за отпад од заштитна опрема (маски и ракавици) се поставуваат на повеќе локации во Скопје и низ државата. Поставувањето започна од Скопје и тоа вкупно 75 корпи од страна на Центарот за еколошка демократија Флоразон во соработка со ЈП „Комунална хигиена“.

– Преку овој проект сакаме директно да влијаеме на намалувањето на ризиците од понатамошно ширење на коронавирусот, а истовремено и врз намалување на т.н. ковид отпад. Сакаме да ја поттикнеме општествената одговорност кај приватниот и јавниот сектор и воедно преку тоа да влијаеме врз јакнење на јавната еколошка свест и да укажеме на слабостите на актуелните практики на самиот систем за управување со отпад – рече претседателот на Центарот Флоразон, Кирил Ристовски.

Транспортирањето на овој отпад заедно со комуналниот ќе го врши ЈП „Комунална хигиена“.

– Граѓаните што ќе ја одлагаат заштитната опрема во овие садови треба уредно да ја спакуваат за да се заштити здравјето на вработените во претпријатието кои секојдневно доаѓаат во контакт со овој потенцијално опасен и контаминиран отпад. ЈП „Комунална хигиена“ уште од почетокот на прогласувањето на пандемијата на вирусот КОВИД-19 спроведе низа вонредни мерки и активности се со цел да се постигне максимално ниво на хигиената и чистотата на јавните и сообраќајните површини во градот. Ова е уште еден наш придонес во борбата против вирусот и заштититата на јавното здравје – изјави портпаролката на претпријатието, Ана Марија Бранѓолица.

Флоразон преку проектот „Биди одговорен за себе и за нашата животна средина и во услови на пандемија“ склучи договори со повеќе ланци на маркети за поставување на специјализирани корпи на местата на кои најмногу е евидентирано фрлање отпад.

Покрај со ЈП „Комунална хигиена„ – Скопје, Центарот Флоразон склучи договори и потпиша меморандуми и со јавните комунални претпријатија на Куманово, Кичево, Охрид и Струга.