Ѕвездата на Бруклин, Кари Ирвинг, за прв пат проговори со тоа што потврди дека не е вакциниран против коронавирус, но и додаде дека секој има право на свој избор.

Ирвинг е еден од најпознатите НБА играчи кој не сака да се вакцинира и затоа од тимот му забранија да игра и да тренира.

НБА нема да ги принуди играчите да се вакцинираат против Ковид-19, но нема да бидат платени за пропуштените натпревари во местата и салите што подлежат на локални анти-епидемиски мерки. Локалната регулатива најмногу ги погоди трите тимови во НБА, Њујорк, Буклин и Голден стејт, што значи дека невакцинираните играчи на овие тимови ќе ги пропуштат половина од мечевите во регуларниот дел од сезоната.

  • Не сум против вакцини, но секој има право да го прави она што мисли дека е најдобро за него. Луѓето прават грешки ако ме прикажат како херој или негативец, тоа не беше моја намера. Се работи за изборот на она што е најдобро за вас, објасни Ирвинг на Инстаграм.

Се очекуваше плејмејкерот на Нетс да заработи 34.9 милиони долари оваа година, но ќе заработи многу помалку ако остане на ставот дека нема да се вакцинира против коронавирусот.

  • Мислите дека сакам да загубам пари, дали навистина мислите дека сакам да се откажам од сонот за освојување на титулата? Дека сакам да седам дома? Не треба да споделуваме, туку да го почитуваме изборот на сите, додаде Ирвинг.

Ирвинг е седумкратен Ол-стар играч, а на 582 натпревари во кариерата со Кливленд (2011-17), Бостон (2017-19) и Нетс има просек од 22.8 поени, 5.7 асистенции и 3.8 скока.

  • Жално е да се види како светот е поделен поради оваа ситуација. Ова се луди времиња, јас не сум антиваксер. Се чувствувам несигурно, ги знам последиците од одлуката што ја донесувам. Не сторив никакво злосторство, вели Ирвинг.

Тој посочи дека е со сите оние што останаа без работа бидејќи не беа вакцинирани, како и со оние кои одлучија да се вакцинираат од страв од вирусот.

  • Ја поддржувам и ја почитувам одлуката на сите. Свесен сум за финансиските последици што ќе ги претрпам. Решив да не се вакцинирам и ве молам почитувајте го мојот избор. Ќе продолжам да тренирам за да бидам во форма и подготвен да играм, заврши плејмејкерот, додавајќи дека нема да се откаже од кошарката.