Кога зборуваме за големите уметници, најчесто зборуваме за нивните познати дела. „Атинската школа“, „Систинската Мадона“ и „Триумфот на Галатеа“ продолжуваат да го будат восхитувањето кај сите оние кои имаат среќа да ги видат во живо, а името на нивниот автор стои рамо до рамо со Микеланџело. Станува збор за Рафаел Санти. Но дали знаете некои интересни факти за неговиот живот?

Кога зборуваме за големите уметници на италијанската ренесанса, невозможно е да не се спомене Рафаел Санти. Роден е во 1483 година во Урбино и за време на релативно краткиот живот (тој починал во 1520 година) успеал да стане најбараниот сликар во Европа и еден од највлијателните уметници на сите времиња.

Неговите дела како што се „Атинската школа“, „Систинската Мадона“ и „Триумфот на Галатеа“ продолжуваат да го будат восхитувањето кај сите оние кои имаат среќа да ги видат во живо, а името на нивниот автор стои рамо до рамо со Микеланџело, Леонардо, Јан ван Ајк и други мајстори на ренесансата во историјата на уметноста. Ви откриваме пет интересни факти кои можеби не сте ги знаеле за овој голем сликар.

Татко му бил сликар

Таткото на Рафаел, Џовани Санти, исто така бил уметник. Тој бил сликар на дворот во Урбино, кој имал задача да слика портрети на членови на дворот и  слики со релогиозни теми. Џовани починал кога Рафаел имал само 11 години, па малку е веројатно дека тој успел да научи многу за сликањето од неговиот татко. Од друга страна, нема сомнение дека уште од рана возраст од него научил да ја цени вистинската уметност.

Учителот на Рафаел бил мајстор на раната ренесанса

На 17-годишна возраст, Рафаел веќе имал доволно вештини за да отвори своја работилница. Во тоа време, сепак, пракса било младите сликари да работат за реномирани постари сликари во прво време. Од таа причина, тој се преселил во Перуџа во 1498 година, каде што работел следните две години за најпознатиот сликар во овој град Пјетро Перуџино. Интересно е што на Перуџино му била дадена задача од папата Јулиј Втори да ги наслика собите во Ватикан, но на крајот тој сепак морал да му ја препушти оваа работа на својот студент, чиј стил папата го претпочитал.

Микеланџело бил негов голем ривал

Кога пристигнал Рафаел во Рим во 1508 година, Микеланџело веќе три години работел за папата Јулиј Втори. Младиот сликар работел на неговите познати фрески во Ватикан во исто време кога Микеланџело го сликал таванот на Систинската капела. Ова предизвикало големо ривалство меѓу овие двајца уметници. Микеланџело не бил воодушевен што неговиот помлад колега добива  толку многу признание за својата сликарска техника и сметал дека тој го копира неговиот стил. Интересно е што Рафаел го насликал Микеланџело на неговата позната фреска „Атинската школа“.

Тој бил многу шармантен

За време на детството поминато со својот татко на дворот во Урбино, Рафаел научил како да се однесува во општеството. Ова му помогнало многу кога подоцна добивал нарачки од луѓе од елитните кругови, но исто така му овозможило и да воспостави добра соработка со други уметници кои му помагале во неговата работилница. Неговиот шарм, секако, му помогнал да биде успешен и во наоѓање љубовница. Рафаел не се оженил, но бил во долга врска со Маргерит Лути, која позирала за неговиот славен портрет на „Ла Форнарина“.

Рафаел имал многу асистенти

Во сликарската работилница на Рафаел биле вработени дури 50 асистенти. Тие завршувале многу негови започнати слики, а често правеле слики и од нула врз основа на неговите цртежи. Тоа била вообичаена практика во тоа време, што му дозволувало на Рафаел да прифати нови нарачки од богатите поединци и црквата во моментите кога тој сè уште бил преокупиран со започнатите дела на кои работел.

Да се потсетиме, импозантната изложба на ремек-делата на еден од најпознатите сликари на италијанската ренесанса – Рафаел Санти, по повод одбележувањето на 500-годишнината од неговата смрт во Италија оваа година беше повторно отворена на 2 јуни, дента кога требаше да биде затворена. Таа првично беше отворена на 6 март, но само три дена потоа, беше затворена бидејќи Италија мораше да преземе построги мерки поради ширењето на коронавирусот. Делата за оваа изложба беа позајмени и од Музеите Лувр, Прадо, Националната галерија во Вашингтон, Националната галерија во Лондон и секако Галеријата Уфици во Фиренца, организатор на оваа спектакуларна поставка.