Во Кино Култура во рамките на интермедијалниот фестивал “АртАреа“ јавноста викендов имаше можност да ја проследи изложбата на фоторепортерот на весникот ВЕЧЕР Ѕвонко Плавевски. Пред присутните авторот се претстави со вкупно 24 фотографии на тема “Skopje street life“.

“Организаторите на фестивалот ‘АртАреа’ ме поканија да им гостувам со една мала изложба на фотографии. На нив се претставени ситуации и интересни моменти на скопските улици кои сум имал среќа да ги фотографирам“, вели Плавевски.

Дека се работи навистина за интересни ситуации фатени од објективот на нашиот фоторепортер зборува и самиот факт што имаше одличен одзив од посетители кои во текот на изложбата постојано му поставуваа прашања и разговараа за фотографиите.

На едно од прашањата дали се случило некој да се препознае од фотографиите и да побара да му ја испрати сликата за да ја сподели на социјалние мрежи, или пак да негодува бидејќи е фотографиран без негово знаење, Плавевски одговори:

“Не е толку често некој да се препознае на фоторафијата, но и тоа се случува. Имам фотографирано девојка како прави селфи, па истата ми го испрати селфито.  Има одредени луѓе кои не сакаат да бидат фотографирани. Сепак, работата ми е малку воајерска и треба да имам почит“, вели Плавевски, кој додава дека и следната негова изложба исто така би била на тема улична фотографија.

Тој досега веќе имал една самостојна изложба во Музејот на град Скопје, а учествувал и на неколку групни изложби, и фотографирал за три твитер календари. (Д.Т.)