Колку и да ми е тешко и напорно, сепак, една насмевка, поглед или звук од син ми, ми е потребен за да поминам низ непожелното искуство

Маја АНЧЕВСКА 

Тони Петковски-Зен

Тони Петковски-Зен е име кое со децении  се вее на нашата естрадна сцена. Успешен на многу полиња и како хип-хоп, рап и диџеј изведувач, а веќе и како ски-инструктор бидејќи неговата професија е токму аниматор по физичка култура. Сега е веќе горд татко, но и родител за пример бидејќи скандалите се непозната тема во неговиот живот. За весникот ВЕЧЕР, Тони со задоволство раскажа за летните планови, музиката, родителството, спортската, старо-нова професија и за уште неколку теми.

Како влијаеше врз вас целокупната состојба со пандемијата на ковид-19?

– Бидејќи целата ситуација е непожелен и агресивен напад од нештото, да бидам искрен, фрустрацијата сè уште демне како темен облак, не само врз мене туку и врз целото човештво, од причина што иднината е неизвесна. Во време на општ хаос, кога сите многу знаеме, а всушност ништо не знаеме, се обидувам да не се закачувам и задржувам на непожелните чувства кои се интензивни, едноставно ги пропуштам и проаѓам низ нив како низ бура. И лошото и доброто се содржини во свеста кои доаѓаат и си одат, ниту едно чувство не останува само по себе, освен ако ние го овластиме да остане. Сепак, на крајот, или почетокот, сум оптимист пред сè, семејството ми е светлина во мракот.

Најголемата радост на еден човек е да се оствари во улога на родител, па дали децата можат да ни ги отргнат мислите од непријатните настани, поточно детето да е двигател човекот сè повеќе и повеќе да се труди и да  напредува?

– Токму така, детето е двигател, отсекогаш било така и ќе биде, секое новородено битие е извор на среќа, чистина, бескрајна љубов, затоа родителите треба со љубов да му служат на детето. Колку и да ми е тешко и напорно, сепак, една насмевка, поглед или звук од син ми, ми е потребен за да поминам низ непожелното искуство, еден ЗЕН учител рекол: “Among the sixteen kinds of meditation, tha baby practice is the best”

Со синот

Со оглед на моменталната состојба со ковид-19 честопати има промени со граничните премини. Каков е Вашиот план за ова лето, можеби ќе посетите некое од нашите трите езерски, природни бисери?

– Досега единствено одевме во Гевгелија со семејството бидејќи сопругата е од таму, неколку пати бев на Кожув Планина и во селото Прдејци и Серменин, исто така каде што секој пат имаме убави моменти и дружење со блиските пријатели и роднини. Југот отсекогаш ме привлекувал, сега веќе со едната половина таму припаѓам, па без разлика на пандемијата јас често сум таму, а за другите споменати дестинации за летово не знам дали ќе ги посетам.

Пред 10 години бевте учесник во „VIP Survivor“ каде што се здобивте со второ место. Дали повторни би се нафатиле да учествувате во некое риалити шоу и дали денеска постои разлика во начинот на кој се репродуцираат истите па од таа причини да ја губат вредноста на квалитетот и токму тоа да биде една од причините да не учествувате во таков вид на програми?

– Не знам дали би учествувал повторно во SURVIVOR доколку има, а останатите реални шоуа не доаѓаат предвид, иако бев поканет на неколку, сепак освен SURVIVOR останатите шоуа не ме предизвикувале, а и не се од мојата област воопшто, немам намера да ги критикувам освен тоа што можам да си дозволам да кажам дека таквите претстави не ми биле цел ниту вредност.

Ќе ни откриете ли нешто за Вашиот мизички свет и дали нешто ново ни подготвувате? 

– Пред се, јас отсекогаш сум се занимавал со пуштање музика, тоа го правам уште од 2000 година, рапувањето исто така, хип-хопот не сум престанал да го следам и почитувам од 1993. „Карма“ е дел од мојот шести албум, издаден во март 2019, оваа песна можеби изгледа како да е најнова затоа што последна е ставена на дигиталните платформи, а „Дете сонува“ е песна на Саше Љолес или познат како Руска, каде што јас гостувам само. Исто така подготвувам нешто ново, односно песна за Скопје наменета за еко фестивалот „Skopje Light Art District” кој треба да се одржи месецов.

Пред неколку месеци станавте и ски-инструктор, Вие сте еден од поретките кои се успешни на многу полиња, па од каде желба кон овој спорт и професија и дали зад успехот во кариерата се крие поддршката од најблиските?

– Секако дека е многу важна поддршката од најблиските за успешна кариера во спортот, отсекогаш сум бил спортист и добро го знам тоа, сум се занимавал и посериозно со кошарка, но поради повреда на коленото се имам откажано од овој спорт. По струка сум аниматор по физичка култура, па и оттаму поривот да продолжам да се занимавам со скијање и да станам член на МАИСС (Македонска асоцијација на инструктори на снежни спортови) која е сродна со факултетот за физичка култура, а и со средното образование за физичка култура, со амбиции да бидам ски инструктор низ скијалиштата во Македонија пред сè, но и пошироко. Подготвен сум да почнам со работа следнава сезона 2020\2021, доколку се стабилизира ситуацијава со вирусот.

Фото: Приватна архива