Интервју со проф. д-р Енис Реџеп: Одонтогените инфекции можат да предизвикаат сериозни проблеми ако не се третираат навреме

Одонтогените инфекции може да имаат многу сериозни последици по општото здравје, па поради тоа треба навреме да бидат идентификувани и соодветно третирани. Најчесто овие инфекции се резултат на компликации од денталниот кариес, трауматски повреди на забите и вилиците и импактирани и полуимпактирани заби и инфицирани одонтогени цисти, вели проф. д-р Енис Реџеп од Универзитетскиот стоматолошки клинички центар “Проф. д-р Бојо Андрески„

1275

Професоре, кажете ни што се подразбира под поимот одонтогени инфекции?

Самиот назив кажува дека станува збор за инфекции чиј причинител се заболувањата на забите. Тие претставуваат најчести инфекции на главата и вратот на забот, за кои стоматологот, познавајќи ги сите нивни облици, има за цел навремено да постави соодветна дијагноза и, секако, да реализира соодветна терапија.

Зошто велите дека причините потекнуваат од забите?

Бактериите кои се познати како причинители на заболувања на забите, денталниот кариес, гингивитис и периодонтитис, кога преку некротичната пулпа или низ длабокиот периодонтален џеб ќе навлезат во подлабоките ткива, предизвикуваат одонтогена инфекција. Најчесто овие инфекции се резултат на компликации од денталниот кариес, трауматски повреди на забите и вилиците и импактирани и полуимпактирани заби и инфицирани одонтогени цисти.  Притоа инфекциите можат да се манифестираат во акутна или хронична форма.

Како можат пациентите да ги препознаат овие заболувања?

Пациентите ќе ги приметат класичните локални знаци на воспаление,  појава на оток на лицето, оток на регионалните лимфни жлезди… Притоа доаѓа и до покачување на телесната температура, забрзан пулс, забрзување на дишењето. Можно е пациентите да чувствуваат зголемен притисок во тој дел, при што лицето може да биде отечено, а се јавуваат и тешкотии при јадењето, оток на регионалните лимфни јазли, а присутна е и главоболка.

Дали одонтогените инфекции се опасни за општата здравствена состојба на пациентот?

Постојат четири видови на одонтогени инфекции и секоја од нив има влијание на општото здравје на пациентот, поради што не само пациентите туку и ние стоматолозите треба на нивниот третман да пристапиме со големо внимание поради можните несакани последици. Станува збор за следниве инфекции: апцес, целулитис, флегмона и парулис.

Апцес претставува локализирана акумулација на гној, како последица на хроничен процес. Има локализиран оток во внатрешноста на устата во близина на забот, забот е авитален така што и неговата боја може да е променета, болката е силна особено при џвакање. Понекогаш отокот може да биде локализиран на образите. Целата оваа слика е пропратена со покачена телесна температура. Доколку не се третира апцесот, тој може да се прошири, но ова не е животозагрижувачка состојба.

Целулитисот е акутен дифузен воспалителен процес, кој се шири по фасцијалните простори. Започнува и се развива брзо. Во повеќето случаи се третираат со антибиотици во ординациски услови, но за некои е потребна и хоспитализација. Се јавува висока температура пропратена со треска, додека поради реакцијата на лимфните жлезди, во зависност на локализацијата, подот на усната празнина може е отечен. Ова е посериозна инфекција и може да се појават сериозни компликации, ако не се третира соодветно.

Флегмона претставува акутно, дифузно, супуративно воспаление нејасно ограничено и поткожно. Таа започнува ненадејно, со многу тешки знаци на инфекција, болка и температура. Воспалението се шири по должината на крвните и лимфните садови, низ сврзното и мускулното ткиво. Притоа се јавува оток, зголемени лимфни јазли и покачена температура. Пациентите најчесто имаат отежнато отворање на устата, опструкција на дишните патишта и може да дојде до фатален исход доколку не се интервенира навреме.

Парулис претставува субгингивален апцес, предизвикан од нелекувани кариозни лезии, кој е локализиран најчесто на предната страна над видливиот дел од забната коронка. Оваа дентогена инфекција се среќава само кај деца, а доколку навремено не се појде на стоматолог, инфекцијата би можела да се прошири кон целиот пародонтален лигамент притоа уништувајќи го.

Каков е соодветниот третман на овие инфекции за да не дојде до несаканиот исход?

Дентогените инфекции може да имаат многу сериозни последици по општото здравје, па поради тоа треба навреме да бидат идентификувани и соодветно третирани. Во таа смисла можни се конзервативна, хируршка и комбинирана терапија, зависно од инфекцијата и нејзиниот развоен стадиум. Конзервативна терапија подразбира лекување на корените од забот со примена на аналгетици и антибиотици. Хируршката терапија се состои од инцизија, дренажа и екстракција на забот. Бидејќи апцесот или целулитисот предизвикуваат дехидрација кај пациентите, постоперативно потребни е да се дадат суплементи во вид на течности и медикаменти против болка.

Дали е задолжителна употребата на антибиотици при овие дентогени инфекции?

Употребата на соодветни антибиотици во лечењето на одонтогените инфекции е многу значајна. Некои  болести, како и некои медикаменти го намалуваат имунитетот на пациентот. Кај овие пациенти потребно е да се употребат бактерицидни антибиотици. Дренажата, односно истекување на гнојот, може да се прави преку отворање на забот или со инцизија. Во случаи каде треба екстраорална инцизија и дренажа треба соодветна едукација за истата на стоматологот. Кај случаи каде имаме таканаречен токсичен изглед – фиксирани очи, слабост, дехидрација, треба хоспитализација за да може соодветно да се интервенира со интравенска употреба на антибиотици.

Што би им препорачале на пациентите за да ги превенираат овие состојби?

Одонтогените инфекции се сериозно заболување и не треба да се омаловажуваат. Ако забот е инфициран, задолжително е да се посети стоматологот, без да се губи време во домашно лекување со домашни средства. Стоматологот е тој кој ќе ја постави точната дијагноза и ќе преземе навремен и соодветен третман за да се спречи сериозноста на болеста. Нетретираните инфекции може да доведат до состојби загрозувачки по живот или тешки компликации.