“Кога дознав дека ќе работам на филмот „Врба“ на Манчевски ми се појави страв и возбуда во исто време. Да се работи со еден таков режисер како Милчо, со една сериозна интернационална продукција, предизвикува притисок, стрес, но и најголем предизвик…“, вели во ексклузивното интервју за весникот “Вечер“ младата актерка Сара Климоска, која го толкува еден од трите главни женски лика во филмот на Милчо Манчевски. Како што ни откри, ќе ја видиме и во долгометражниот филм на Игор Алексов  „Лена и Владимир”, во филмот снимен во Берлин „Нико”, во режија на Елин Гетебург, и во „Најтешкото нешто” во режија на Сердар Акар, а глуми и во втората сезона на „Сенки над Балканот” на Драган Бјелогрлиќ…

Помина еден месец од премиерата на „Врба“ на Милчо Манчевски, филм кој досега го видоа над 20.000 луѓе во Македонија. Можеш ли да ги сублимираш накратко сите твои впечатоци поврзани со снимањето на филмот и реакциите на публиката? 

Уште кога се почна со процесот на подготовка на филмот, посветивме многу време на секој детаљ и многу посветено и продлабочено работевме на улогите. Така продолжи и снимањето, на високо професионално ниво, со одлична координација на сите сектори во филмот. После таквото искуство на работа на еден филм, се очекуваше да имаме одличен филм, но позитивните реакциите на публиката ни докажаа дека имаме едно многу сериозно дело што остава печат во македонската кинематографија.

Во филмот ја толкуваш „Донка“, еден од трите главни женски лика, но и лик чија приказна остави можеби најголем впечаток на публиката поради неговата трагичност. Таа се обидува на сите можни начини да стане мајка, но кога тоа и успева, со страв го следи растењето на своето дете, за на бизарен начин да го изгуби. Како ти ја доживеа Донка?

Донка ја доживеав како исклучително храбра жена која оди против сè и против секого за да ја оствари својата цел – да стане мајка, но она со што не може да се соочи е судбината. Токму и од неа се плаши. Таму и лежи трагедијата, бидејќи судбинските прашања се нерешливи.

Дали ти беше тешко да се подготвиш за улогата и да ги пренесеш сите оние чувства кои се очекуваа од тебе, а кои ги бара една ваква голема продукција. Што всушност претставуваше најголем стрес за тебе и сметаш ли дека на крај успешно го надмина? 

Кога дознав дека ќе работам на филмот, ми се појави страв и возбуда во исто време. Да се работи со еден таков режисер како Милчо, со една сериозна интернационална продукција, предизвикува притисок, стрес, но и најголем предизвик. Милчо има одличен пристап на работа, и всушност го олеснува стресот и го пренасочува во продуктивност.

Имав навистина тешка задача да ја играм Донка, поради комплексноста на ликот и поради тоа што е сместено целото дејствие во епоха што никогаш никој до сега не ја претставил на филм во Македонија. Но, со точните насоки на Милчо го изградив ликот покрај сите тешкотии.

Од кого имаше најголема помош на сетот во градењето на ликот и како би ја опишала соработката со Манчевски?

Милчо е извонреден режисер кој ја дава слободата на актерот да ја следи својата интуиција и кој ги предизвикува границите на актерот во однос на актерската игра. Секогаш е подготвен да одговори на сите можни прашања и проблеми што би се јавиле за време на сет и тоа дава комфор и неверојатна доверба во односот што е од исклучителна важност кога се работи на филм. Морам да го споменам и мојот главен партнер Никола Ристески, со кого секогаш уживам да работам и поддршката на кастинг директорот/вториот асистент Милка Анчевска за нејзината константна подготвеност да реши проблем и да помогне во кој било момент.

Пораката на филмот „Врба“ е моќна „Мајка не раѓа, мајка сака“. Како би ја искоментирала?

Мајчинската љубов не е детерминирана само од моментот на породувањето туку таа љубов е повеќеслојна. Милчо преку овој филм го отвора прашањето за тоа што значи мајчинство и кои сè жртви жените се подготвени да поднесат и со што сè се спремни да се борат за да станат мајки.

Низ целиот филм се провлекуваат народните верувања и суеверието кое треба да ни „помогне“ во животот работите да течат полесно. Така било и во средниот век, а интересно е што и денеска се применува. Колку самата си суеверна и веруваш ли во чуда?

Тие пагански обичаи и верувања се толку присутни кај нас што колку и да не верувам, некои од нив ги правам по инерција. На пример, ми се случило да го повлечам увото кога грми и откако ќе го направам тоа, да сфатам дека е некаква махинална реакција која ми останала од мојата баба.

Јас лично не сум религиозна ниту суеверна, мене сето тоа ми е апсурдно, но ги почитувам религиозните луѓе и ги разбирам оние кои веруваат во некакви суеверија бидејќи обично тие суеверија се јавуваат во моменти кога има нерешлив проблем и луѓето од немоќ и очај пробуваат најразлични решенија за да си помогнат.

Имаш ли во моментот и други ангажмани и ќе те видиме ли наскоро и во некој друг филм? 

Во моментов се прикажува новата сезона на “5+ Фамилија” и втората сезона на „Сенки над Балканот”. За соработката со Драган Бјелогрлиќ е заслужен актерот Петар Мирчевски кој ме предложил за улогата на Јана во серијата „Сенки над Балканот“. Имав одлично искуство со целиот тим што работеше на филмот и ми беше предизвик да работам со култни актери од Србија. Во последниот период, му се вратив малку на театарот. Работам театарска претстава со режисерката Нела Витошевиќ во Драмски театар, по текст на Румена Бужаровска „Мојот маж”, кој првпат е драматизиран и поставуван во театар. Во исчекување сум на премиера на долгометражниот филм на Игор Алексов „Лена и Владимир”, на долгометражниот филм што го снимив во Берлин, „Нико” во режија на Елин Гетебург, и на долгометражниот филм „Најтешкото нешто” во режија на Сердар Акар. (Д.Т.)