Предводникот на актуелниот шампион на Италија, тимот на Јувентус, Маурицио Сари, се обиде да стави крај на сите приказни кога е во прашање неговиот однос со фудбалерите на „старата дама“. Фудбалските медиуми на Апенинскиот полуостров постојано пишуваат дека искусниот стручњак не е во добри односи со Кристијано Роналдо, Миралем Пјаниќ и Паоло Дибала, но Сари откри дека само со еден фудбалер знае да разговара на повисок тон.
- Постојано читам дека сум се расправал со сите фудбалери, но јас се расправам само со еден фудбалер, а тоа е Гонзало Игуаин. Не знам зошто е тоа така, но таква е ситуацијата со Аргентинецот. Можеби е тоа така затоа што Игуаин има потреба од поагресивен соговорник кој може да го извади најдоброто од него. Ментално е одличен, но не знам како стои со психичката подготвеност, затоа што знам дека во последниот период не се чувствуваше баш најдобро. Денеска може да биде се како што треба со него, а веќе следниот ден го гледаш како удира во ѕидот. Игуаин има потреба од помош, од подршка кога не се чувствува добро. Секогаш кога ќе летне во облаците мора да го спуштите цврсто на земја, затоа што може да забега, изјави Сари.
Аргентинскиот интернационалец пред неколку дена изјави дека минува низ многу тежок период поради неговата болна мајка и поради пандемијата со смртоносниот вирус Ковид-19.