Илјадници граѓани, повеќето облечени во црно, се собраа вчера на антивладин собир во Хонгконг, и покрај силниот дожд.

Протестите, кои честопати беа и насилни, траат веќе 11 недели.

– Жителите на Хонгконг се уморни од протести, ваков развој на ситуацијата никој не очекуваше и не посакуваше. Премногу е топло и врне дожд. Беше тешко само да се појавиш тука, изјави 24-годишен студент, учесник на протестите.

Тој истакна дека граѓаните мораат да бидат тука бидејќи немаат друга можност и најави дека ќе истраат во своите барања се додека Владата не покаже почитување какво што заслужуваат.

Демонстрантите носеле транспаренти на кои пишувало „Слободен Хонгконг“ и „Демократија веднаш“.

Протестите во Хонгконг започнаа во јуни прво поради незадоволството поради законот за екстрадиција, а потоа и поради стравувањето од загрозување на загарантираните права според формулата „една држава, два система“, која е воспоставена откако Велика Британија и го врати Хонгконг на Кина во 1997 година.