Изложба на Ѕвонко Плавевски за старт на „АртАреа“ фестивал

122

Во Кино Култура, од денеска до 26 јануари, ќе се одржи третото издание на интермедијалниот фестивал „АртАреа“, кој вечерва (24 јануари) во 19 часот ќе стартува со фотоизложбата „Skopje street life” на Ѕвонко Плавевски, фоторепортер на весникот ВЕЧЕР, како и со изложбата на илустрации на Владимир Лукаш. Во 20:30 ќе биде промовиран романот „Девет приказни за госпоѓа Сит“ од Билјана Црвенковска. Настаните првиот ден од фестивалот завршуваат со џез-концертот на Шамба Трио, кој ќе настапи во 22 часот.

Според организаторите, издавачката куќа „Бегемот“, фестивалот ,„АртАреа“ цели кон воспоставување жива платформа за поврзување и дијалог меѓу авторите во различните културни домени и тенденции, спојувајќи ги во богата културна програма за време на три фестивалски дена.

„Намерата на програмата е да овозможи средба и спојување на сегментираната публика што ја генерираат прилично атомизираните области на културата. Во таа смисла, фестивалската заложба е да се обогати, но и да се преиспита значењето на современите културни практики. Со ова, проектот како свои клучни приоритети ги поставува културната интегративност и творечката интермедијалност, кои се покажуваат како нужни предуслови за развивање новаторска, богата и добро вмрежена култура“, велат организаторите.

Веќе утре (25 јануари) на програмата се кинопроекција на филмовите „Кружно патување со Жарко Иванов“ во режија на Иванов, како и „Славко од нашата улица“, видеоесеј на Наум Пановски (Година на Славко Јаневски). Во 20:30 е настанот насловен „Правда за кратката проза“ со учество на Ѓорѓи Крстевски, Виолета Бојковска, Владимир Мартиновски, Ѓоко Здравески и Живко Грозданоски, додека во 22 часот е поетско-музички перформанс на ВИС „Тркалезна маса“.

В недела (26 јануари) во 19 часот е креативната работилница за деца „Добре дојдовте во Страшкоград” со Билјана Црвенковска и Нита Муча.

Во 20:30 е Наш мал театар (Театар на сенки) со претставите „Заробената љубов“

и „Марко патува околу светот“.

Саемот на книгата во рамките на фестивалот е отворен секој ден од 18 часот, а влезот на сите настани е бесплатен.