“Поштенските марки се многу интересни, но граѓаните ретко имаат можност да ги видат. Живееме во време на нови технологии во кои интернетот, како неверојатна брза комуникација со светот го зазема приматот. Сè поретко се пишуваат писма и се испраќаат картички. Секое општење помеѓу нас се заменува со мобилните телефони. Целта на изложбата „Културното богатство во марките на Македонска пошта – археологија“ е зголемување на сознанието кај граѓаните за ова наше културно богатство, запознавање со неговата вредност, а со самото тоа грижа и чување за идните генерации“ – истакнува Климе Коробар, претседател на ИКОН и автор на изложбата која во текот на целиот август ќе биде отворена во Археолошкиот музеј

 

„Теракотните икони од Виничко кале, нартексот на Големата базилика на античкиот град Хераклеја, Големата Мајка од Тумба Маџари… се само мал дел од македонското културно наследство кое е претставено на поштенските марки издадени од Македонски пошти. Токму овие марки можат да се видат на изложбата „Културното богатство во марките на Македонска пошта – археологија“ која деновиве е отворена во Археолошкиот музеј, а која привлече голем интерес кај посетителите.

„Една од работите кои ни недостигаат од начинот на живот во 90-тите години се и поштенските марки кои се од особено значење. Тие нè потсетуваат на времињата кога животот не беше толку динамичен и комуникацијата најчесто се одвиваше преку писма. За таа цел во Археолошкиот музеј за јавноста е достапна изложбата  посветена на поштенските марки. Таа сведочи за односот на Македонска пошта кон нашето културно богатство. Издадените тематски поштенски марки  од областа на археологијата го афирмираат нашето значајно културно наследство кое со помош на марките патува низ времето и просторот“, велат од Археолошкиот музеј.

Марките се отпечатени во период од 1996 до 2019 година и на нив може да се видат дел од теракотните икони од Виничко кале, фрагменти од мозаикот „Приказ на вселената“, нартексот на Големата базилика на античкиот град Хераклеја, Неолитски предмети од теракота, Големата Мајка од Тумба Маџари, антички монети, антички накит, средновековни монети и златните погребни маски од Требениште.

„Поштенските марки се многу интересни, но граѓаните ретко имаат можност да ги видат. Живееме во време на нови технологии во кои интернетот, како неверојатна брза комуникација со светот го зазема приматот. Сè поретко се пишуваат писма и се испраќаат картички. Секое општење помеѓу нас се заменува со мобилните телефони. Целта на изложбата е зголемување на сознанието кај граѓаните за ова наше културно богатство, запознавање со неговата вредност, а со самото тоа грижа и чување за идните генерации” – истакнува авторот на изложбата и претседател на ИКОН, Климе Коробар.

Подготовките, пак, ги извршија Марјан Јагликовски, Марија Видеска и Васил Николовски од Археолошкиот музеј, а реализацијата финансиски поддржана од Град Скопје и Министерството за култура.

Изложбата, за која влезот е бесплатен, ќе биде отворена во текот на целиот август.

Тактилни слики со Брајово писмо

Десет тактилни слики со Брајово писмо за слепи лица и лица со оштетен вид се поставени во Археолошкиот музеј. Како што велат од Музејот, секоја тактилна слика има свој QR код, кој се поврзува со видеата на знаковен јазик и аудиоматеријалите кои веќе беа промовирани онлајн по прогласувањето на вонредната состојба.

Слепите лица преку допир на релјефната површина можат да ги доловат експонатите Бокалот Изник, кој е редок примерок во светот и постојат само три, Големата Мајка, вотивни релјефи, теракотна икона, накит од средновековен период и останати артефакти. На овој начин им се овозможува на сите лица со различни видови попречености да се запознаат со богатото културно наследство кое е изложено во постојаната поставка на музејот.