Во изложбениот салон на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани вечерва ќе биде отворена втората самостојна изложба „Вера, Надеж, Љубов“ на роднокрајната авторка Нада Ѕмбова Донева.

На изложбата ќе бидат претставени дваесетина дела работени во изминатите две години преку кои Ѕмбова Донева, која е дипломиран биолог и работи како предметен наставник во основно училиште, ја манифестира сопствената креативност насочена кон ликовната уметност.

– Авторката прави обид преку насликаните форми низ кои продира светлината да не воведе во една нова специфична урбана свест, која буди надеж кон подобро утре. Нејзините слики сочинуваат комбинација од емоционален интензитет преку модерен сензибилитет до степен на визуелни елементи кои ја напуштаат конкретната форма, истакнува рецензентката на изложбата Илинка Атанасова.

Првата самостојна ликовна изложба на Нада Ѕмбова Донева се одржа во 2019 година во ЦК „Бели Мугри“ во Кочани, а досега таа учествувала и на неколку групни изложби во Кочани, Штип и Виница.

Отворањето на изложбата „Вера, Надеж, Љубов“ е закажано за во 19:30 часот, а таа е дел од годишната на програма на Центарот за култура од Кочани, финансирана од Министерството за култура.