Изграден нов мост на река Пчиња

3462

Изграден е новиот мост на река Пчиња, проект на кој се работеше изминатите две години. Стариот мост што беше оштетен е отстранет. Новиот мост е со должина од 133 метри, широк осум метри и со две сообраќајни ленти. Инвестицијата изнесува милион евра, средства обезбедени од буџетот на Јавното претријатие за државни патишта.

-Ова е од огромно значење за жителите на Долно и Средно Коњаре бидејќи стариот мост беше крајно небезбеден за движење, а од друга страна овој мост е врска со автопатот Миладиновце-Штип и Скопје – Велес, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски кој со директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов извршија увид во изградениот мост.

Бочварски потенцираше дека мостовите се важни инфраструктурни проекти кои овозможуваат подобра комуникација, но и развој на регионите.

-Ова е многу сериозен проект со кој граѓаните од овие населени места подобро ќе комуницираат, ќе се развиват, а верувам дека ќе се зголеми и транспортот на стока бидејќи се поврзуваат со двата автопата. Продолжуваме со реализација на капиталните проекти и во следниот период ја засилуваме динамиката, изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Китанов истакна дека мостот на Пчиња е најдолг на регкионален пат во нашата држава

-Пред две години бев овде кога се почнуваше овој мост и еве денес сум овде кога се завршува овој мост. Мостот комплетно е направен и е најдолг на регионален пат во нашата држава-133 метри, 8 метри широк, со тротари за пешаци и претставува навистина убавина затоа што после 30 години првпат се градат мостови во нашата држава. Не само што се изгради овој мост, туку постојниот којшто беше во очајна состојба и веќе ниту ЈСП не сакаше да вози по него, е отстранет, а се работи и на речното корито, изјави Китанов.