Иако веќе спаѓа во групата на ветерани, кошаркарот Дерик Роуз, игра одлично во последно време, а во центарот на вниманието кај спортската јавност се најде по одлучувачкиот поен на 0.3 секунди до крајот на мечот против Њу Орлеанс, кој неговиот Детроит го доби со 105:103.

По мечот новинарот го праша Роуз како се чувствувал во одлучувачкиот момент, кога топката била во неговите раце.

  • Извинете, но јас сум роден за ваквите ср*ња. Тоа е моја работа и затоа Детроит ме донесе во тимот. Знам и јас да згрешам, но добро е што учам од грешките. Додавам топки, ги проигрувам соиграчите. На натпреварот против Њу Орлеанс играчите беа добро позиционирани, а моите соиграчи ми дадоа да го одлучам последниот шут, истакна Роуз.

Роуз моментно има 31 година, а во 2011 година, како плејмејкер на Чикаго стана најмладиот МВП во историјата на НБА и се предвидуваше дека ќе има блескава кариера.  Сепак, бројните повреди на предните вкрстени лигаменти на двете колена го уништија неговиот развој. Покрај Чикаго, тој играше за Њујорк, Кливленд и Минесота, пред да го засили Детроит во 2019 година.

Со репрезентацијата на САД тој беше двапати светски шампион – во 2010 година во Турција и во 2014 година во Шпанија.

Од натпреварите кои се одиграа во НБА лигата постигнати се следниве резултати: Шарлот – Вашингтон 114:107, Мајами – Атланта 135:121, Филаделфија – Денвер 97:92, Портланд – Њујорк 115:85.