Во тек е истрагата за несреќата во која загинаа 45 патници, а седум лица се повредени откако македонски автобус на агенцијата „Беса транс“ во вторникот рано наутро се запали на магистралниот пат „Струма“ на потегот Софија – Благоевград, во близина на Перник.

„Се надевам дека оваа истрага ќе се одвива темелно, да се одредат вистинските причини за трагедијата и доколку навистина има човечки фактор зад тоа, да се преземат сите неопходни мерки“, изјави денеска во Софија министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информираше дека истрагата за автобуската несреќа ја водат бугарските истражни органи, како и дека е испратен наш тим од МВР да помогне во истрагата.

„Ние испративме тим кој е предводен од помошник-директорот на Бирото за јавна безбедност на одделот за униформирана полиција, началникот на одделот за крим-техника и претставници од сообраќајната полиција. Исто така, напоменавме дека претставници од Јавното обвинителство и Судска медицина се таму сè со цел да можат да асистираат за која било потреба за истрагата. Во рамки на МВР е формиран посебен штаб што работи целодневно исто како што работи штабот во МНР“, рече Спасовски.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески во вторникот пред болницата „Пирогов“ во Софија, каде се сместени седуммина од преживеаните патници, изјави дека засега не може да се каже која е причината за незгодата.

„Сите прашања се отворени. Впрочем, затоа се води и истрагата. Нашите колеги јавни обвинители од Република Бугарија со кои имаме одлична соработка ги фиксираат сите траги, прибираат податоци“, истакна Јовески додавајќи дека се работи за пообемни вештачења.

Формиран е тим со претставници на Агенцијата за патна инфраструктура и од Дирекцијата за национална контрола во градежништвото, кој во рок од пет дена треба да изврши увид и проверка на тротоарот, патната сигнализација, рестриктивните системи и хоризонталното обележување. Врз основа на наодите од увидот и проверките треба да презентира извештај за состојбата на делницата, како и да процени какви мерки ќе се преземат за нејзино обновување

Директорот на бугарската Национална истражна служба Борислав Сарафов, посочи дека во тек се распити на жртвите и очевидците, но дека сè уште не е јасно што ја предизвикало експлозијата. Останатите три автобуси, појасни Сарафов, се движеле 15-20 минути пред тој што се запали, како и дека во него имало и втор возач, но не е јасно дали е меѓу преживеаните. Возилото било релативно ново, околу три години и претстои сложено форензичко и техничко вештачење.

Една од главните причини за несреќата, според шпекулациите кои се појавија во бугарските медиуми, може да биде заштитната ограда на проширувањето на коловозот, што се користи како паркинг или место за одмор, која не е доволно добро сигнализирана и нема осветлување. Има само знак дека има исклучување, а оградата е во закривен дел и се појавува одеднаш, што може да доведе до конфузија. Токму во неа прво удрил автобусот, а потоа се одбил кон другата заштитна ограда. Овој патен дел, како што објави btvnovinite.bg, го градела македонската градежна фирма „Маврово“, но проектант е бугарска фирма и вината според експертите не може да биде кај изведувачот. Како дополнителна причина се наведува и големата брзина, при што се појавија шпекулации дека возачот удрил во оградата со над 100 километри на час.

Во врска со причините за пожарот кој избил во автобусот се шпекулира дека возачот имал канистри полни со гориво, веројатно дизел, покрај предните седишта, што предизвикало експлозија и автобусот се запалил. Во јавноста се појавија информации дека автобусите што доаѓаат од Турција превезуваат гориво оти е драстично поевтино. Дополнителна отежнувачка околност е шпекулацијата дека во автобусот биле шверцувани петарди кои бргу го разгореле пожарот. Потврда за вакво нешто е и изјавата на очевидец на тpaгедијата, кој бил на само 500 метри од несреќата, дека слушнал eкcплозија, па вpиcoци, а огнот многу бргу се проширил. Вчера во Бугарија се појавија информации од експерти кои наведоа дека е можно прво да избил пожар во автобусот, па дури потоа тој удрил во оградата и скршнал од патот.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски соопшти дека е почната постапка за одземање на лиценцата за работа на „Беса транс“ бидејќи од добиените сознанија превозникот вршел меѓународен превоз без извод од лиценца за автобусот, а Владата го задолжила Државниот инспекторат за транспорт да изврши вонреден инспекциски надзор. Опожареното возило не било пријавено од страна на превозникот и поради тоа возилото го нема во електронската база на податоци на Министерството за транспорт и врски.

„Не можеме да знаеме во овој момент додека трае истрагата дали и колку пати ова возило ја напуштило државата и вршело ваков тип на превоз и транспорт“, рече Бочварски.

Царината денеска започна внатрешна контрола за да утврди кој го пропуштил автобусот на „Беса транс“, кој бил без лиценца за меѓународен сообраќај на граничниот премин „Деве Баир“.

(И.С.)