Идејата за национален авиопревозник во аут, државата е задоволна  од авиосообраќајот

Доколку се појави сериозен инвеститор во областа на воздушниот транспорт кој би сакал да влезе на меѓународниот пазар со современи авиони во македонскиот регистар, и доколку државата препознае економски интерес за заедничко вложување или друг вид јавно-приватно партнерство во авиобизнисот, тогаш АЦВ ќе биде целосно подготвена во рамките на нејзината надлежност да ги реализира сите неопходни активности тоа да го овозможи, вели директорот на АЦВ, Томислав Тунтев

131

Државата, дефинитивно, расчисти со дилемите дали ѝ е потребен национален авиопревозник. По многуте анализи, консултации и слично, правени во изминатите години, одговорот од актуелното Министерство за транспорт и врски е – не.

Во интервју за весникот БЕЧЕР министерот Горан Сугарески изјави дека министерството еднаш веќе изработило физибилити студија за потребата од воведување на национален авиопревозник, но резултатите покажале дека ваквата опција не е економски исплатлива.

– И сè уште сме на тој став бидејќи сите параметри покажуваат дека оваа идеја не е одржлива економски. Од друга страна моменталната состојба во авиосообраќајот ги дава посакуваните резултати. Авиосообраќајот во земјава бележи континуиран пораст на бројот на превезени патници и тоа од двата аеродроми и тоа е она за што како Влада се залагаме. За прв пат успеавме да ги искористиме капацитетите на Охридскиот аеродром и имаме резултати. Порастот на бројот на патници превезени од овој аеродром од околу 58 проценти ги потврдува мерките што ги спроведуваме. Во моментов од Меѓународниот аеродром Скопје има директни линии до 39 дестинации, а од аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид воспоставени се директни линии до 8 дестинации. Исто така, периодов ја разгледуваме и можноста за авиоповрзување со Израел, со воспоставување на директна линија Скопје – Тел Авив, со што слободно можам да кажам дека очекувам уште поинтензивен развој на авиосообраќајот во земјава, зголемување на бројот на туристи и нови дестинации достапни за граѓаните, рече Сугарески.

Формирање национален авиопревозник за првиот човек на Агенцијата за цивилно воздухопловство – АЦВ, Томислав Тунтев е застарен концепт.

– За прашањето за формирање национален авиопревозник, морам повторно да го реафирмирам моето лично мислење дека во овој момент нема економски одржливи перформанси и финансиски потенцијали, односно дека не постои економска оправданост за развој на еден таков застарен концепт, вели тој.

Тунтев појаснува дека резултатите од досега извршените стручни истражувања, анализи и физибилити-студии кај нас, како и компаративните искуства од примерите од сите држави во регионот, покажуваат реални ненадминливи оперативни тешкотии на превозникот, сериозни финансиски предизвици за државата, неконкурентност на воздухопловниот пазар и неопходност од континуиран државен интервенцизам, наспроти современиот пристап во ЕУ за поддршка на пазарните вредности и лојалната конкуренција во давањето на воздухопловните услуги.

-Сепак, доколку се појави сериозен инвеститор во областа на воздушниот транспорт кој би сакал да влезе на меѓународниот пазар со современи авиони во македонскиот регистар, и доколку државата препознае економски интерес за заедничко вложување или друг вид јавно-приватно партнерство во авиобизнисот, тогаш АЦВ ќе биде целосно подготвена во рамките на нејзината надлежност да ги реализира сите неопходни активности тоа да го овозможи, вели директорот на АЦВ.

Досега нашата држава имаше два национални авиопревозника, Палер Македонија и МАТ, кои завршија неславно – со банкрот. Првиот, Палер Македонија како национална авиокомпанија беше основана во 1991 година и престана да лета во 1996 година, меѓу другото поради домашната конкуренција во авиосообраќајот. МАТ е формиран  во 1994 година, а национален авиопревозник стана во 2000 година. Должна и притисната од разни политички препукувања оваа компанија престана да лета во септември 2009 година.

(С.В.)