Ибра стави крај на сите дилеми

98

Иако за неколку месеци ќе го прослави и 41. родненден, шведскиот интернационалец Златан Ибрахимовиќ ќе потпише нов договор со актуелниот шампион на Италија, тимот на Милан, открија најпознатите новинари кога е во прашање пазарот на фудбалери, Џанлука ди Марцио и Фабрицио Романо.

Популарниот Ибракадабра од 30. јуни има статус на слободен фудбалер, а веднаш по завршувањето на изминатата сезона, во која Милан го освои 19-то „Скудето“, Златан направи операција на повреденото колено и мора да мирува до крајот на годината.

Поради честите повреди, искусниот напаѓач изминатата сезона одигра само 27 натпревари на кои постигна осум погодоци и запиша три асистенции. И покрај фактот дека има 40 години, челниците на Милан сакаат да ја продолжат соработката, а Ди Марцио откри дека ќе му биде понуден едногодишен договор кој му гарантира годишна плата помеѓу 1 и 1.5 мил. евра, но истата може да порасне во зависност од постигнатите погодоци и остварените асистенции.

Со ваквата информација се потврдени и шпекулациите дека на Ибра осетно ќе му биде намалена платата. Таа до сега изнесуваше околу седум милиони евра по сезона и беше најголема кога се во прашање фудбалерите на „Сан Сиро“. Официјалното потпишување на новиот договор треба да се случи во следните неколку дена.