Иако не сакаше да ја пее, “Розо моја“ со Ибуш Ибраимовски – и хит и евергрин

372

– Песната успеа да се пробие и надвор од Македонија, па сега ја имам и српската верзија “Ружо моја“ која е исто така многу убава, многу луѓе ми ја бараат да им ја пеам кога настапувам во Србија, на концерти и на свадби

Многу популарниот македонски фолк пејач од Тетово Ибуш Ибраимовски деновиве го среќаваме на снимањата на новогодишните ТВ-емисии во кои од толку свои песни најчесто ја пее онаа на сите добро познатата “Розо моја“. Ние ги искористивме паузите помеѓу тие снимања, да направиме за “Вечер“ кус муабет токму на таа тема околу песната за која и после толку години (премиерно испеана на “Тетовски филиграни“ во 1996 година) владее голем интерес, а за која на времето кога му ја понудиле Ибуш не сакал да ја пее.
– Тоа е чудо едно, ама таа песна веднаш не ми западна за уво. Некако не ја препознавав да може да стане толку голем хит. Всушност, на првите преслушувања немав некој ќеф да ја пеам. Не знам зошто, но ни на крај памет не ми беше дека тоа ќе биде хит, песна без која денес не може да помине ниту еден мој настап. Но организаторите на фестивалот ме убедија, ме премислија да ја земам песната да ја пеам. Така и се случи. Од тогаш откако беше испеана “Розо моја“, таа е мојот знак на препознатливост. Само кога ќе го кажат нејзиниот наслов, веднаш тука се надоврзува и моето име. За песната имам и спот снимено, а тоа беше и мојот прв спот во кариерата. Инаку, текстот на песната има своја вистинска приказна. Напишан е од Огнен Неделковски, а посветен на неговата сопруга Соња, познатата естрадна новинарка, која многу сака да ја слуша оваа песна во моја интерпретација. Последните неколку години песната успеа да се пробие и надвор од Македонија, па сега ја имам и српската верзија “Ружо моја“ која е исто така многу убава, многу луѓе ми ја бараат да им ја пеам кога настапувам во Србија, ни раскажа Ибуш за својот голем хит кој со причина стана македонски музички евергрин. Д.М.